Жителите од зградите околу „Зелен пазар”, продавачите и купувачите се пожалија на дивите препродавачи кои на импровизирани тезги од картони и паркирани автомобили продаваат храна во нехигиенски услови, прехранбени производи со сомнително потекло и со изминат рок, како и стари предмети и облека од домаќинства.
Овие импровизирани тезги беа поставени над тротоарите и тревниците. Жителите до градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, се пожалија и на нехигиената од ѓубрето кое го оставаат зад себе дивите пазарџии, како и блокираните пристапи до домовите, подрумските простории, гаражите и блокираните тротоари и улици.
На иницијатива на инспекциската служба на општина Центар и градоначалникот Жерновски, се одржа координативен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи, Сообраќајната полиција, Секторот на инспекторат на Град Скопје, Државниот пазарен инспекторат и Јавното претпријатие за јавни паркиралишта.
На состанокот е заклучено известувањето да биде објавено преку медиумите, со делење на летоци и лепење на плакати, со што ќе им биде наложено на лицата кои вршат ваква незаконска продажба да ги отстранат дивите тезги. По ова, коодинирано, со надлежните, ќе се делува согласно законските прописи и ќе се изрекуваат казнени мерки.
Сето ова е со цел да се заштитат граѓаните од купување сомнителни производи без декларации, од уништувањето на јавните површини и за да можат граѓаните слободно да се движат.
Општина Центар ги поддржува и ќе учествува во сите активности и мерки донесени на состанокот за успешно надминување на состојбата со и околу „Зелен пазар”, во рамките на своите надлежности, се вели во соопштението на Општината.