Општина Аеродром на координативен состанок во врска со состојбата со коронавирусот донела заклучоци за преземање диополнителни активности и превентивни мерки за заштита.
Еден од заклучоците, како што информираат од Општина Аеродром, се однесува на воведување телефонска линија со бројот 070/297-140 на кој граѓаните ќе можат да побараат помош за набавка и достава на прехранбени производи и лекови. На истиот број е достапна и комуникација преку Вибер и Ватсап.
Исто така, во соработка со Црвен крст се формираат тимови за помош и поддршка на стари и изнемоштени лица, лица со попреченост и лица што се наоѓаат во самоизолација, за набавка на храна, средства за хигиена и снабдување со лекови.
Општина Аеродром ќе ги дезинфицира сите автобуски постојки, детски и спортски игралишта, рачките на контенерите со средство за дезинфекција.
На управителите на станбените згради им се препорачува да почнат со дезинфекција на заедничките простории и лифтови на сите станбени згради на територија на Општина Аеродром.
Од Општината апелираат во целост да се почитуваат заклучоците, мерките и препораките од Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и Владата.