Околу 39.000 лица ослободени од плаќање радиодифузна такса

Од:

Вкупно 39.000 лица – 34.000 приматели на социјална парична помош и 5.000 приматели на постојана парична помош – ќе бидат трајно ослободени од плаќање надомест за радиодифузна такса за Македонската радио телевизија.

Тоа е овозможено со изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој по скратена постапка беше усвоен попладнево на седмата седница на Собранието на РМ.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Иваноски соопшти дека ослободувањето од обврската ќе се одвива преку Министерството за труд и социјална политика кое секој месец до Македонската радиотелевизија ќе доставува база на податоци за сите корисници на социјална и парична помош. – Потоа МРТ ќе ја достави базата на податоци до Управата за јавни приходи, која нема да испорачува сметки за радиодифузна такса до овие граѓани на РМ, рече Иваноски.

Со втората измена на Законот е овозможено остапување до 5 проценти од обврската на радиодифузерите 50 проценти од музиката која треба да ја емитуваат осум часа неделно да биде народна, а 50 проценти забавна.

– Правиме една мала отстапка и дозволуваме пет проценти разлика, односно една недела да има 45 проценти забавна, 55 проценти народна, бидејќи со тоа ќе се овозможи да има поголема флексибилност при изборот на музиката, зашто математички е многу тешко тоа да се изедначи и да се изнивелира при програмирањето на музиката која ја прават радиодифузерите. Затоа дозволуваме да има отстапка до 5 проценти, за националните телевизии и радијата да можат да ја извршуваат и оваа задача од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече Иваноски.

Третата измена донесена во овој закон се однесува на составот на Советот на МРТ, во кој ќе има по еден член предложен од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Македонската асоцијација на новинари (МАН). Од двете здруженија на новинари ќе има по еден член и во составот на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, што беше изгласано вчера во Собранието. – По ист принцип најголемите две здруженија во РМ да имаат и по еден член во Советот на МРТ, додаде Иваноски.

Во однос на првата измена од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пратеничката Роза Топузовска-Каревска рече дека нема ништо против граѓаните од социјално ранливите категории да бидат ослободени од плаќање радиодифузна такса, но дека со тоа значајно ќе се намали буџетот на МРТ.

Праша како ќе се надоместат парите со оглед дека најголем дел од својот буџет, како што рече над 9.390.000.000 денари, МРТ го обезбедува преку наплата на таксата и дали оваа мерка ќе значи дека Владата ќе го зголеми процентот за дотација за МРТ од буџетот на РМ.

Пратениците попладнево ги усвоија годишните извештаи за работата во 2013 година на Државната комисија за жалби по јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Советот за радиодифузија на Република Македонија и на Агенцијата за електронски комуникации.

На барање на ДУИ, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина седницата и рече дека останатите годишни извештаи кои беа на дневен ред (на ЈРП Македонска радио телевизија, Агенцијата за пошти и Државната комисија за спречување на корупцијата) ќе бидат презентирани на седница која ќе биде дополонително закажана.

Би можело да ве интересира

Марина Димовска избрана за нова генерална секретарка на Собранието

Предлог законот за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка, проследен на натамошна постапка во Собранието

Верификувани мандататите на новите пратеници

Собранието ќе ги пополни местата на пратениците кои станаа министри

Критики за програмата и кадровските решенија од опозицијата, прва половина од собраниската седница за избор на новата влада

Мицкоски: Државата е во клиничка смрт, институциите се доведени пред пропаст