Охридските матуранти дел од европскиот танц по повод полнолетството

Од:

Охрид, 20 мај 2016 (МИА) – Четиристотини и педесет матуранти од трите средношколски центри во Охрид денеска точно на пладне на Градскиот плоштад го одиграа матурантскиот танц, одбележувајќи ја полнолетноста заедно со нивните врсници од цела Европа.

Честитајќи им на матурантите градоначалникот Никола Бакрачески им порача да веруваат во себе и да бидат креатори на својот пат низ иднината.

– Од овој момент, од вас се очекуваат зрели, добро осмислени, одговорни и високо етички чекори. Дали ќе бидете кардиолог или креатор, адвокат или агроном, земјоделец или ѕидар, инкасатор или ИТ инженер, политичар или пилот зависи само од Вашиот избор, од вербата во себе и посветеноста кон целите, но и вашата упорност да влечете напред и само напред кон освојување на новите хоризонти. Имајте секогаш на ум дека таквиот пат е трасиран со нови и нови знаења. Сонувајте ги височините кои денес ви изгледаат недостижни. Пуштете ги мислите слободно да патуваат, но не само праволиниски-таму каде што се гледа, туку и на нови места таму позади свиоците. Дофатете го недопреното, но не заборавајте дека вашето време е ограничено, затоа не го трошите живеејќи го животот на некој друг, им рече Бакрачески.

Уште им порача да го следат своето срце, својата интуиција, но никогаш да не ги забораваат темелите на домашното и стекнатото образование, како предуслов да останат чесни и добри луѓе.
– Таа титула не се стекнува со пари, нити се освојува со сила, им се обрати градоначалникот на матурантите.
Инаку, ова е 15-ти пат охридските матуранти да се дел од големата матурската парада што се реализира низ повеќе градови ширум Европа.

Би можело да ве интересира

Силен ветер урна дрво на кејот во Охрид

Утринава најстудено беше во Берово, а најтопло во Охрид

Пецаков најавува старт на реконструкцијата на Холандскиот парк во Охрид

Филипче: Со чесна и посветена работа Асен Шајн ќе го врати сјајот на Охрид

Охриѓанец го запалил глисерот на брат му, огнот зафатил и зграда

Катерина Ѓуровски

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник