Со народни пари реклами во локалните медиуми си плаќале и директорите на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, дознава „Макфакс“. За рекламни спотови, маркетинг-услуги, објава на соопштенија и огласи и телевизиско емитување од 2011 година, кога е формирано претпријатието, до годинава „Гробишта“ потрошило 1.115.400 денари или малку повеќе од 18 илјади евра. И тоа, по примерот на Општина Охрид, како и другите јавни претпријатија, плаќало за медиумско внимание и во екот на најголемата борба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите.
Локалните медиуми во Охрид истовремено зеле пари и од Општина Охрид и од јавните претпријатија. Најплатен медиум и во случајот на „Градски гробишта“ како и кај повеќето претпријатија и кај Општината е ТВМ. Иако соработувале само една година, 2012, на овој медиум претпријатието му префрлило 185.100 денари за телевизиско емитување, што е најголема одвоена сума за еден медиум. Зад ТВМ на листата следуваат „МХ бокс“ со 144.000 денари, „Охриднет“, кој добил 128.000 денари, „ТВ О2“ за која биле одвоени 120.000 денари, Радио Морис со 108.000 денари, за „МХ радио“ и „Охрид вест“ биле одвоени по 96.000 денари, „Охридскај“ добил 65.400 денари, на „НТВ продукција“ ѝ биле исплатени 64.900 денари, „ЛТ трејд“ за објави на порталот „Охрид 1“ добил 60.000 денари и најмалку пари биле одвоени за „ТВ Морис“, која добила 48.000 денари.
Од најплатениот медиум, ТВМ, првин ни рекоа дека немале договор за соработка со „Градски гробишта“ – Охрид спротивно на официјалните податоци што во „Макфакс“ ги испрати претпријатието, од кои се гледа дека за нив се потрошени најмногу пари, а подоцна се јавија да ја повлечат изјавата и рекоа дека од финансискиот оддел им потврдиле дека имале договори во 2012 година.
„Не земавме пари од ‘Градски гробишта’, немаме договори и не сме емитувале реклами. Договори имавме со ‘Комуналец’“, кусо изјави сопственичката на ТВМ, Ирена Арнаудова, за „Макфакс“.
Таа рече дека има неодложни обврски поради кои не може да даде подолго објаснување, но десетина минути подоцна ја смени изјавата и најави дека детаљно ќе ни одговори на сите прашања доколку ѝ ги пратиме по имејл. Арнаудова до објавувањето на текстот не одговори на прашањата.
Некои од останатите сопственици на медиумите кои добивале пари од Општината и од јавните претпријатија веќе се изјаснија дека додека траеле договорите им биле наклонети на оние што плаќале и се раководеле од изреката „кој те плаќа тој те има“.
Договорите за соработката со медиумите во име на „Гробишта“ ги случиле директорите Драган Пандевски, кој бил на функцијата до април 2013 година, и неговиот наследник Зоран Симоновски, кој бил директор до ноември 2017 година. Праксата за купување медиумско внимание во ова претпријатие ја прекинал сегашниот директор Ванчо Костоски.
„Не гледам потреба да се рекламирам и нема што да се рекламира кај нас. Ние имаме потреба од објавување огласи или соопштенија од типот да ги известиме граѓаните дека следува утужување ако не ги намират обврските за гробарина. Откако јас сум директор, не сме користеле огласи и соопштенија, туку праќаме опомени по пошта. Со ниеден медиум немам договор и никој од медиумите не барал досега договор од мене“, вели директорот Костоски за „Макфакс“.
Јавното претпријатие, според директорот Костоски, сè уште е во долгови. Сегашниот долг изнесувал околу 50.000 евра.
Измената на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, која е во постапка, треба да забрани влегување јавни пари во медиумите, со што се очекува поголема медиумска независност.
Кристијан Ландов