Општина Охрид фрлила 26.044.819 денари или нешто повеќе од 423 000 евра, народни пари, за соработка со медиуми во периодот од блокирањето на сметката во 2005 година заклучно со јули годинава. Се менувале градоначалниците, Александар Петрески, Никола Бакрачески, Јован Стојаноски, но праксата со јавни пари да се финансираат приватни медиуми останувала. Ја продолжил и сегашниот градоначалник Стојаноски и покрај заложбите на оваа Влада да престане купувањето на медиумското внимание. Охрид е рекордер во работење со блокирана сметка, кога се дозволени само трошења за основно функционирање на Општината. Општинската сметка е под постојана блокада од 2005 година поради неисплатени долгови. Сегашниот долг, според градоначалникот Стојаноски, изнесува 1,4 милијарда денари или околу 25 милиони евра.
Покрај пари од општинската сметка, народни пари за реклама и промоција редовно одвојувале и јавните претпријатија кои вртоглаво ја креваат сумата што била исплаќана на локалните медиуми. Истите јавни претпријатија со години се жалат дека работат под постојана закана за блокирање на сметките, а многу често и со блокирани сметки, немаат доволно вработени, немаат пари…
„Макфакс“ дојде до сумите кои од буџетот на Општината и покрај блокадата биле одвојувани за медиумска промоција на градоначалниците и нивното работење. Најмногу пари за објави во медиумите Општина Охрид одвоила лани, во изборна година, кога на шест медиуми им биле поделени над три милиони денари или околу 50 000 евра.
Најмногу пари, четиринаесет години по ред завршувале на сметката на ТВМ. Според доставените податоци од одделението за финансии, Охрид потрошил речиси половина од вкупната сума за објави во само оваа телевизија. ТВМ од 2005 година до почетокот на август годинава од Општината добила 12. 725.398 денари или околу 206 илјади евра.
За соработката подготвени се да зборуваат и сопственичката на телевизијата, Ирена Арнаудова, и сегашниот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски, но не сега.
„Сега сум на одмор, во странство. Барајте ме од понеделник“, рече Арнаудова при обидот да добиеме изјава за соработката со Општината.
Градоначалникот, пак, Стојаноски вели дека е презафатен.
„Ќе ви одговорам в петок. Сега сме во невиден метеж, имаме Совет и уште мал милион работи“, рече градоначалникот Стојаноски, кому прашањата за соработката со медиуми му ги испративме и електронски.
Според Општината, сите договори се склучени со едноставно објаснување, кое не е логично – за објавување информации во медиумите. „Макфакс“ преку барање за пристап до информации од јавен карактер побара копии или линкови од објавите, но Општината не одговори на овој дел од барањето. Нема објаснување од Општината ниту за критериумот врз основа на кој одлучувале со кој медиум ќе склучат договори, а со кој не.
Истражувањето на „Макфакс“ за начинот на кој се трошеле народните пари во услови на блокирана сметка и исплатите кои не сопирале и за време на избори беа причина Управата за финансиска полиција да оформи предмет по допрен глас за да го истражи не само финансиското работење во Охрид туку и работењето во другите сектори.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое на сите фронтови води битка да нема јавни пари во медиумите, смета дека оваа пракса треба целосно да се искорени оти ја загрозува независноста на медиумите.
„Ставот на ЗНМ за практиката на трошење јавни пари во медиуми за да се добие нивната наклонетост е чиста корупција и ја загрозува независноста на медиумите. Последиците од таквата практика врз слободата на медиумите ги видовме за време на владеењето на режимот на Груевски, кога најголемиот дел од медиумите служеа како пропаганда машинерија на власта. И покрај тоа што Владата ги укина владините реклами и субвенциите за поттикнување на домашната продукција на националните приватни телевизии, општините ја продолжија коруптивната практика со локалните и регионалните медиуми. Тоа прашање е адресирано и со измените и дополнувањата на Законот за АВМУ, опозицијата и власта се согласни да забранат каква било можност јавните институции да трошат пари во медиумите. За жал, донесувањето на измените е блокирано. Се надеваме дека власта и опозицијата ќе ги надминат разликите и најбрзо ќе го усвојат законот и со тоа со закон ќе се забрани ваква практика на општините, кои се јавни пари ги поткупуваат медиумите“, изјави за „Макфакс“ Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.
На листа медиуми плаќани од Општина Охрид има 30 медиуми или фирми на чие име се регистрирани медиуми.
Маја Илиевска-Пачемска