Општина Охрид продолжува со отуѓување на државното земјиште. Откако неодамна ја продаде една од најатрактивните локации, во близина на населбата Канео, од вчера на продажба го стави земјиштето каде требаше да никне современа меѓуградска автобуска станица.
Почетната цена на електронското јавно наддавање за градежната парцела изнесува 3.170 денари. Градежната парцела има површина од 11.997 метри квадратни од кои 10.252 метри квадратни се предвидени за градење.
Според јавната објава, ова земјиште е со намена за изградба на комунална супраструктура – автобуски терминал со компитабилни класи на намени.
Иако градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во изборната кампања вети дека една од првите задачи ќе била изградба на модерна и современа автобуска станица, охриѓани и по две години од неговото владеење не видоа никаков објект на тоа место.
И по половина од мандатот на Бакрачески, автобуската станица е во катастрофална состојба за која говореше тој во изборната кампања. Таа и денес претставува, како што говореше Бакрачески, јавна површина со калливи премини и дупки како на крај на светот.
Ниту моделот на јавно – приватно партнерство не беше доволен па локалната власт на ВМРО – ДПМНЕ тргна кон „раскрчмување“ на државното земјиште.
Постапката за продажба на земјиштето каде власта требаше да изгради модерна автобуска станица започна во октомври минатата година кога мнозинството на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид ја изгласа одлуката за отуѓување на државното земјиште.
Во охридската јавност се зголеми сомнежот дека воопшто ќе се изгради автобуската станица особено откако земјиштето сега ќе се продаде на приватен сопственик.
Времето ќе покаже кои биле интересите на ваквото распродавање на земјиштето во сопственост на државата и зошто власта се одлучила на ваков потег. Едно е јасно, Охрид како голем туристички центар и натаму е без соодветна автобуска станица.
Ф.Ј.