Охрид чист ќе ја дочека главната туристичка сезона

Од:

Во пресрет на главната туристичка сезона, во текот на месец мај и почетокот на јуни, со бројни акции, ќе се чисти Охрид, но и пошироката околина и околните планини.

Активностите ќе започнат утре, кога ќе се спроведе акција за генерално чистење на делови од подрачјето на Општина Охрид. Во истата ќе учествуваат охридските јавни претпријатија и општинската администрација. Предвидено е чистење на магистралниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот до населбата Св. Стефан, плажата од Горица III до Детското одморалиште, скалите и Спомен паркот на револуцијата, како и поширокиот потег на улицата „Јордан Мијалков“, потегот од улица „Никола Карев“ до Булевар „Туристичка“, како и делот од реката Грашница до хотел „Мизо“ и целиот простор околу ОУ „Св. Климент Охридски“.

Во текот на месец мај ќе започнат и активностите во рамките на проектот „Еко Галичица 2018“. Ќе се лоцираат дивите депонии околу населените места на Галичица, затоа што на овој потег состојбата на ова поле е загрижувачка. Кон средината на овој месец предвидени се планинарски и велосипедски ЕКО Патроли по означени патеки низ Галичица, по што ќе се пристапи кон чистење на истите, се` со цел да се пречекаат подготвени љубителите на планините и авантуристичкиот туризам, кој е во сериозен подем во последно време.

Како заокружување на акциите, а во насока на подигнување на свеста, особено кај најмладите, за значењето на чистата околина, во организација на Супер радио ќе се одржи голема акција за чистење „Мој Охрид, чист Охрид“ на почетокот на месец јуни. Носечка сила на оваа акција ќе бидат учениците од сите охридски основни и средни училишта, кои ќе спроведат акција за комплетно чистење на централниот дел на градот, со акцент на плажите, кои се најпосетени во текот на летните месеци. Во акцијата ќе учествуваат и граѓаните на Охрид, бројни претпријатија, спортски и еко организации и претставници од дипломатскиот кор во земјата.

Би можело да ве интересира

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност

ВИДЕО: Се запали глисер закотвен во Студенчишкиот канал во Охрид

Катерина Ѓуровски