Очекуваме кризата наскоро да заврши и со изнаоѓање начини и средства земјата да се врати назад во нормална ситуација. Ризикот од оваа ситуација на долги патеки е да имаме нефункционални институции. Навистина е потребно да се реши оваа политичка ситуација.
Ова го истакна француската амбасадорка Лоранс Оер одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција посветена на активности на Амбасадата и Францускиот институт за месецот на Франкофонијата.
Запрашана дали постои план на ЕУ за тоа како да и се помогне на земјата да излезе од кризата Оер посочи дека нема таен план, но ситуацијата се следи од близу.
– Не станува збор за индивидуална земја или иницијатива, но кога дојде еврокомесарот Хан тој рече се што можеше, а тоа трае и во рамки на континуираните контакти. Немаме таен план, немаме некаква стратегија, ние сме тука како и сите македонски граѓани во средина на оваа политичка ситуација, и ја следиме со голема загриженост, рече Оер.
За тоа дали се разгледува можноста за разрешување на кризата освен ЕП да се вклучат и високи претставници на ЕУ, француската амбасадорка нагласи дека во оваа фаза има различни идеи и оти има предлог кој се разгледува во Брисел.
– Станува збор за политичка криза меѓу партиите. Во оваа фаза е важно да се разбере дека политичката криза на долгорочен план може да биде штетна и мора да се работи на институционален одговор. Како странски амбасадор не можам да се вмешувам во политичката битка и да кажам ова мора да го правите, а ова мора да го прекинете. Тоа е поентата, вели Оер.