Оџа од Слупчане, по смртта на мајка му: Требаше да има погреб во селото за да сфатат луѓето дека коронавирусот постои

Од:

„Требаше да има погреб во селото, па тогаш жителите на селото Слупчане да се свестат дека коронавирусот постои“, вели за „А1он“, 43 годишниот Абдулфета Шаини, кој вчера ја погреба својата мајка, која по 10 дена ја изгуби битката со коронавирусот.

Неговата сопруга и тој се негативни на коронавирусот, но неговите две деца на возраст од 13 и 9 години имаат позитивни тестови.

Шаини е оџа во селската џамија и тврди дека неговото семејство не се заразило со коронавирусот како последица на ифтарските вечери. Тој се сомнева дека мајка му се заразила по погреб на нивни роднина каде што била да изрази сочувство.

Од контактот со мајку му се заразиле и 15 негови роднини, чичковци, братучеди и внуци.

Тој вели дека постојано ги советувал верниците кои доаѓале во џамијата да ги почитуваат мерките, особено да избегнуваат собири и ракувања. Но, и покрај тоа работата излегла од контрола, затоа што голем дел од нив не верувале дека болеста воопшто постои.

„Имавме погреб пред 3 недели, на еден наш чичко и тој беше организиран според протоколите, немаше групирање. Но, кај нас има еден обичај ние го викаме ‘одење на гајрет’, по погребот. Се изразува сочувство за покој на душата и во куќата на починатиот доаѓаат не само блиски роднини туку и други луѓе, кои го познавале и кои не го познавале починатиот. Можеби вирусот го донел некој од друго село, затоа што тој ден во куќата влегле можеби 30 до 35 луѓе, кои се ракувале меѓусебе, а некои воопшто и не ги познаваме. Ги опоменувавме да држат растојание, да не влегуваат повеќе од двајца. Но, ете вакво невнимание, може да ве чини изгубен живот“, раскажува Абдулфета.

Засега, најголема грижа како што вели, му е здравјето на децата и се надева дека наскоро ќе добие негативни тестови за нив, за да може да каже дека ја добил битката со болеста.

„За среќа децата немаат никакви симптоми, дома се и изолирани се од други деца и роднини, а сопругата постојано ги следи. Коронавирусот направи голем стрес кај мене, а се почна со мајка ми пред 10 -тина дена. Наеднаш ѝ се слоши, се жалеше на болки во градите, зглобовите и малаксаност. Веднаш го контактирав мојот братучед кој е лекар на пулмологија, направивме тестирање и излезе дека има коронавирус. Жената имаше 64 години, но беше силна и немаше никави здравствени проблеми. Кога ни ја покажаа снимката од нејзините бели дробови, видовме големи темни кругови, иако не сме лекари ни беше јасно дека болеста напредувала. Последните три дена многу се мачела, имала силни болки во градите, ја ставиле на апарат да може да зема воздух, но и тоа не помогнало. За кратко врмеме по ова, ни се јавија од болницата “8-ми Септември“ и ни соопштија дека починала“, вели Шаини.

 

Покрај мајка му во меѓувреме од коронавирусот се заразил и еден од неговите чичковци, кој се лекува на Одделението за инфективни болести во Куманово. Во последните денови бил многу подобро и им соопштиле дека наскоро ќе го пуштат дома.

„Чичко ми ќе се извлече, ќе ја победи болеста, од болницата кажаа дека му се подобрува состојбата и дека за неколку дена ќе го пуштат на домашно лекување. Моето семејство коронавирусот ќе го памети долго, а се надевам дека после ова ќе поверуваат и оние кои велеа дека вирусот е измислен заради 5G антените и слични приказни. Еве денеска во селото гледам нема движење. Луѓето сериозно ја сфатија работата, но за жал откако увидоа дека луѓето умираат“, вели Шаини.

Тој додава дека пред погребот на мајка му голем број луѓе во липковските села дури одибивале да се тестираат иако имале симптоми, а претходно седеле по чајџилници и шетале по други села. Но, се надева дека овој настан ќе биде лекција за кревање на свеста кај жителите за да може вирусот да се стави под контрола во овој регион.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Липково ќе биде прва општина во земјава целосно покриена со смарт броила од ЕВН, загубите ќе бидат 10 проценти

Орце Костов

ЕВН почна да работи во Слупчане: „Ќе плаќаме колку што ќе потрошиме, да не бидеме црна точка“

Орце Костов

Бектеши: ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести, не посредуваме меѓу Слупчане и ЕВН

Стоилковски: Владата и Бектеши да соопштат што е договорено во Слупчане за струјата

ЕВН и жителите на Слупчане повторно преговараа, ќе имаат состанок и в понеделник

Катерина Ѓуровски