Додека предметот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување бил држен во фиоката на Апелациониот суд, судии од судечкиот совет си учествувале во комисии, оделе на одмори, користеле боледувања. Судијата известител Енвер Беџети побарал од в.д. претседателката на судот да не му се распоредуваат предмети, но не бидејќи има куп нерешени и тешки предмети, туку затоа што ќе имал дополнителен ангажман во комисија. Не бил променет од судечкиот совет, иако неговото отсуство било причина да се одолговлекува донесување на одлуката за предметот со кој е ослободен Сашо Мијалков, „Таргет-тврдина“, кој пак е донесен до прагот да застари делото и да нема одговорност. Дел од членовите на Судски совет, веќе побараа одговорност што не е постапено согласно законот.
„Судиите се должи да ги почитуваат законите. Во ЗКП пишува конкретни рокови. Во овој дел, од за мене чудни причини, не може девет месеци да нема одлука. Имаме настани на кои повеќе нејавни седници дискутирале, па отсуствувале колеги.. Ова за мене е симптоматично и согласно законот недозволиво. Неспорно е дека е сложен предмет, но затоа има рокови. Во ЗКП пишува дека сложени предмети се решаваат за 60 дена. Па ако имаме боледување на судија, треба да се ротира судија. Не може ради нечие боледување или годишен одмор, да стои предметот“, кажа членот на Судски совет, Сашко Георгиев.
За Ивица Николовски, пропусти во постапувањето на судечката петорка од Апелација – има.
„Тоа се сторени пропусти. Должност на секој судија е да постапува совесно, ажурно, одговорно и во разумен рок. За мене не е познат законски пропис или подзаконски акт кој дозволува девет месеци, временски период, да не биде донесена одлука. Можеби има објективни или субјективни околности, но пропустите се неспорни. Ние треба да поведеме постапка за тоа дали ова се основи за незаконито постапување на судиите од овие совети“, кажа Ивица Николовски.
За Миљазим Мустафа, нормално е судиите да користат боледување, што било оправудвање зошто одлуката да се укине пресудата за „Таргет-тврдина“ не била навремено донесена.
„Нормално е да се изгуби здравје. Видовме дека претседателот на судечкиот совет, судијата известител користеле боледување“, Миљазим Мустафа.
Енвер Беџети, судија известител за предметот „Таргет-тврдина“ не дал образложение колку време користел боледување, причина поради која се одолговлекувањето одлучувањето.
„Судијата известител не ни дава податок колку период бил отсутен поради боледување. Ние во разгледување на работата ценевме дека секој од судиите во Апелација, неспорно е дека е оперетен со голем број на предмети. Меѓутоа и кога ќе се видат поединечно податоците за број на предмети по судија, водејќи сметка и за нивната оптеретеност, но и дека имаме предмети од итен карактер меѓу кои и притворски предмети и за кои законот“, кажа Мирјана Радевска, дел од работната група која ја проверуваше работата на Апелација.
Судиите Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева, Лидија Чачева, кои стојат зад одлуката за укинување на пресудата и ослободување на Мијлаков, посочија дека биле свесни и за роковите, кои ќе донесат застареност на предметот.