Истрагата околу обвинувањата за изборите е одговорност на релевантните полициски и законски тела во земјата, велат од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) откако СДСМ објави нови докази за изборни манипулации од страна на владејачката партија.
Од таму посочуваат дека немаат увид во фактите кои ги обелодени опозицијата затоа што мисијата ја напуштила земјава, и дека не можат да ги преоценуваат изборните процеси.
Од ОДИХР велат дека не гледаат одговорност за тоа што дадоа позитивна оценка за последните парламентарни и претседателски избори кои ги оценија како „технички добро спроведени“ и посочуваат дека како основа за нивниот извештај послужиле податоците кои ги добивале од политички партии, избирачки тела и институции.
– Нашите мисии не се истражувачки или судски органи, така што истрагата околу обвинувањата за изборите е одговорност на релевантните полициски и законски тела во земјата, што ние го укажавме на вашите власти тогаш. Со оглед на тоа дека овие обвинувања дојдоа откако нашата мисија одамна ја напушти земјата, ОДИХР не е во состојба да ја набљудува и да ја оценува ефективноста на истражните органи околу нив. Но, мисијата на ОДИХР на некои идни избори можеби ќе може да го види исходот од процесот на истрагата – изјави портпарол на ОДИХР, Томас Рајмер за Утрински весник.