Според адвокатот на обвинетите за нападот врз Зијадин Села, вештакот немал лиценца за работа во моментот кога се вршела анализата, додека обвинителот смета дека немало потреба за тоа бидејќи вештачењето било направено од страна на Институтот за судска медицина.
Одбраната забележува на тоа што кога Села бил примен на КАРИЛ имал нормални наоди, кои се разликуваат од оние во извештајот на вештаците.
Вештакот Здравко Чакар одговори дека клиничката слика може да се развие и подоцна како последица на сериозноста на повредите. Тој истакна дека во конкретниот случај повредите довеле до понатамошно ширење на последиците.
Претходно, Чакар ги потврди наодите што ги дал и пред Обвинителството. Посочи дека од повредите што му биле нанесени на Села, најопасна и најтешка било нагмечувањето на мозокот и десно-челниот оток. Опасноста по животот била од оштетувањето на мозочното ткиво.
Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.