На Спомен обележјето кај катлановско Блаце и во кампот Бутмир во Сараево денеска беше одбележана шестгодишнината од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на воздухопловната бригада (вбр) на АРМ.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12 јануари 2008 година околу 9 часот и 30 минути полетаа со хеликоптерот „МИ 17“ од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром, а последниот контакт со контролната кула леталото го направило на шест милји од целта. Во несреќата животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Делегации од Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, Здружената оперативна команда на АРМ, вбр, предводени од заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, како и членовите на семејствата на загинатите припадници на вбр положија венци со цвеќе на Спомен обележјето кај катлановско Блаце.
По повод одбележувањето на шестгодишнината од трагичната хеликоптерска несреќа во која загинаа единаесет припадници на АРМ, во кампот Бутмир во Сараево, БиХ во организација на Командата на ЕУФОР и македонскиот контингент беше организирана комеморативна церемонија за одбележување на овој трагичен настан.
Делегацијата од Република Македонија предводена од државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски заедно со претставници на АРМ им оддадоа почит на трагично загинатите војници и положија венец со свежо цвеќе на спомен обележјето.
На комеморативната церемонија Стефаноски ја потенцираше големата загуба на АРМ и улогата кои македонските војници ја имаат во придонесот кон глобалната безбедност и светскиот мир, како и кон создавање на траен мир и безбедна средина на регионално ниво.
– Загубата на нашите 11 мировници е прва непреболена загуба на Република Македонија во нејзиниот придонес кон глобалната безбедност и светскиот мир. Загинатите мировници беа одлични и достојни промотори на заложбите на Република Македонија во придонесот за создавање траен мир и безбедна средина во нашиот регион. Секогаш кога зборуваме за нашите постигнувања во евроатлантските интеграции, војниците и старешини во меѓународните мисии беа посебно издвојувани и потенцирани како нашата најголема вредност, тие се нашите амбасадори на мирот, рече Стефановски.
Токму преку безрезервниот ангажман на нашите војници и старешини во мисиите надвор, додаде тој, Македонија го зацврсти својот меѓународен углед и кредибилитет на држава која може рамноправно со сите останати да се соочи и со најтешките предизвици.
Во кампот Бутмир Стефаноски оствари средба и со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор Дитер Хеидекер, на која беше реафирмирана поддршката на државата во воспоставувањето, одржувањето и унапредувањето на регионалната стабилност и безбедност, како и развојот на регионалната соработка, како темел на мирот во овој дел од светот. Генералот Хеидекер се заблагодари за придонесот на Република Македонија во рамки на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА и посочи дека македонскиот контингент професионално и вешто ги извршува доделените задачи.
Истовремено, државниот секретар Стефаноски оствари средба и ги посети припадниците на македонскиот контингент во кампот Бутмир.
Република Македонија во операцијата на ЕУФОР учествува со вкупно 11 лица – медицински тим за РОЛЕ 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир и воен правник, помошник правен советник во Командата на ЕУФОР, БиХ.