Формирањето на првиот скопски партизански одред е голем и значаен настан за македонската историја и историјата на нашето Скопје. Да се формира народно ослободителен партизански одред во 1941 година (на 22 август) претставува чин на огромна храброст, одлучност и хуманост на 12 луѓе подготвени со живот да ја платат слободата, започнувајќи голема борба против фашистичките окупатори и нивните слуги. Да не заборавиме дека токму Скопје во далечната 1941 беше еден од двата центри на тогашната бугарска административна, воена и полициската структура во Македонија.
Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во обраќањето по овод одбележувањето на големиот јубилеј 80 години од формирањето на првиот Скопски партизански одред,
Осврнувајќи се на историјатот на формирањето, тој меѓу другото рече дека партизанскиот одред на почетокот бил составен од 12 припадници, подоцна нивниот број пораснал на 42 кои биле од различна етничка припадност, а сепак се обединиле околу една единствена идеја – слободата, една заедничка антифашистичка мисија – ослободување од фашистичкиот окупатор при што диверзантските акции биле основен белег на предпартизанскиот период.
-Токму членовите на скопските диверзантски групи го сочинувале јадрото на првиот скопски партизански одред. Затоа уште еднаш заедно да им се заблагодариме за нивните херојски дела на: Чедомир Миленковиќ, Дане Крапчев, Боте Боцевски, Невена Георгиева – Дуња, Раде Јовчевски – Корчагин, Благој Деспотовски – Шовељ, Стерјо Кранго – Дучо, Боро Ончевски, Боро Трајковски – Ѓуро, Ацо Смилковски, Павле Момчиловиќ и Светозар Томиќ. Од вкупно 42 партизани на одредот, 17 го загубиле животот во текот на војната. Тројца од нив: Александар Урдаревски, Раде Јовчевски Корчагин и Боро Петрушевски се прогласени за народни херои. Затоа драги мои скопјани, ние немаме од што да се срамиме и секогаш со гордост се сеќаваме на нашата историја. За разлика од нас, некои наши соседи кои во минатото често биле на погрешната страна, преку обидите за интервенции во нашата историја се обидуваа да избришат делови од сопственото минато, при тоа заборавајќи дека негирањето на нашата антифашистичка борба е истовремено негирање и на сопствените антифашисти, рече Шилегов.
Негувањето на традициите од Народноослободителната антифашистичка војна во Македонија и зачувување на придобивките од револуцијата, порача тој, е наш долг кон патриотизмот, храброста и пожртвуваноста на сите борци, но и на сите сегашни и идни генерации кои денес живеат слободно во сопствената татковина.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска посочи дека токму формирањето на Првиот скопски партизански одред е клетката од која е родено народно-ослободителното движење дури потоа доаѓа формирањето на батајлонот Мирче Ацев кој што се смета за првата регуларна воена единица во Македонија и него го сметаме како никулец на нашата армија.
-Постоењето на денешната армија – членка на најмоќниот воено-политички сојуз е долг кој што носевме три децении токму пред овие луѓе, луѓето од Скопскиот партизансји одред Тие се нсшата историја и тие беа нашиот влог како да направиме повторно државата да ни биде на вистинската страна. Како да покажерме како нова генерација дека сме подготвени за новите предизвици, бидејќи секое историско време носи поинаков предизвик, секое има свои борви, свои специфик, свои тешкотии. Тие ја бранеа државата, ја создадоа, се вложија во темелите на нашата државност и независнот, ние ја градиме, афирмираме, и етаблираме на меѓународната мапа. И тоа е битка, и како што гледавме 30 години, тоа беше тешка и на моменти неизвеесна битка, рече Шекеринска.
Тие, додаде таа, имаа сон да бидат дел од прогресивниот свет, тој сон го осварија со формирањето на државата, а ние тој сон го надградивме сместувајќи ја нашата татковина на мапата на прогресивни земји кои денес се на вистинската страна, со членството во најмоќниот воено-политички сојуз во историјата на светот заедно со 29 држави, многу од нив со кои сме биле сојузници во Втората светска војна.
Денес порача таа, антифашизмот како и патротизмот често пати минуваат низ тешки тестови а современите патриотски битки се почитување и продолжување на вредностите на антифашизмот – за слобода, демократија, за гласност за шанса за сите да ги уживаат еднаквите права.
На свеченоста се обратија и Наум Буревски од Сојузот на борците и градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев.
Програмата по повод одбележувањето на овој значаен датум во нашата понова историја почна со положување цвеќиња пред паметникот, а ќе следува кино-проекцијата на филмот „Ослободувањето на Скопје“, во режија на Раде и Данило Шербеџија.