Одбележани 72 години од холокаустот на македонските Евреи

Од:

Еврејската заедница во Република Македонија денеска одбележuва 72 години од депортацијата и холокаустот на 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка. Годишнината од тој трагичен настан се одбележува со комеморативни активности во Скопје, Битола и Штип.

Делегации од Еврејската заедница, Владата, Собранието на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот, политички партии, претставници на дипломатскиот кор… положија цвеќе кај некогашниот Монопол кој бил привремен логор, како и на Еврејските и партизанските гробишта во Бутел. Активностите ќе завршат со комеморативен концерт од 20 часот во киното „Фросина“.

Претседателката на Еврејската заедница во РМ Берта Романо-Николиќ пред полагањето цвеќе на спомен-обележјето во поранешниот Монопол (сега Тутунски комбинат) истакна дека трагичните настани од Втората светска војна и уништувањето на Евреите, стравот во логорите на смртта, пљачкањето и уништувањето на културните и материјалните добра и бројните злочини ќе останат опомена на човештвото да не се повтори безумието на едно време.

– Пред 72 години еден цел народ беше осуден да изгори на жртвеникот на човековата лудост и потполно искривеното сфаќање на светот. Малкумина Евреи што останаа, одболуваа, раскажуваа, молчеа, а нашата генерација слушаме и запишуваме, пренесувајќи и на третата генерација и тие да го предадат понатаму, рече Романо-Николиќ и нагласи дека поуката од холокаустот е борба против омразата.

Ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрациски логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупатопрски власти, уапсени биле 7.144 Евреи.

На 11 март 1943 тие биле собрани во сточни вагони и од Битола и Штип сите заедно доведени во скопскиот Монопол, каде што останале до крајот на март во екстремно тешки хигиенски и психолошки услови. Сиот имот им бил земен, а накитот и парите конфискувани. Потоа повторно биле натоварени, меѓу 80 и 120 во еден вагон, и транспортирани во тогаш окупираната Полска, во логорот на смртта Треблинка, каде што биле егзекутирани.

Ниту еден од уапсените не се вратил. Во Треблинка биле убиени 98 проценти од вкупното еврејско население во Македонија во 1943 година, што е меѓу најголемите проценти во светот.

Во спомен на депортираните македонски Евреи, делегација на Република Македонија во 2008 година во логорот Треблинка постави обележје со натпис „Македонија“.

Во март 2011 година, пак, во Еврејското маало во Скопје,  свечено беше отворен Меморијален центар на холокаустот на македонските Евреи. Музејот е изграден со средства од имотите на  семејства на убиените македонски Евреи кои немале наследници. Тие беа собрани во Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, кој претходно работеше на имотно-правните прашања поврзани со денационализацијата на земјиштето каде што е изграден објектот.

Според проценките, во Треблинка биле убиени околу 900 илјади луѓе, од кои над 750.000 Евреи. Жртвите на холокаустот во тој логор, кој се наоѓал 100 километри североисточно од Варшава, биле убивани меѓу јули 1942 и октомври 1943 година.

Би можело да ве интересира

Планирал да го нападне Еврејскиот центар во Њујорк, одбрал симболичен датум

Се зголемува бројот на антисемитски инциденти во Германија

Горан Наумовски

Во Скопје се одбележуваат 81 година од депортирањето на македонските Евреи

Во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на Евреите во логорот на смртта „Треблинка“

(ВИДЕО) 60 лица се уапсени откако толпа упадна на аеродром во Русија и бараa Евреи

Горан Наумовски

Еврејската заедница ќе го одбележи Јом Хашоа – Националниот комеморативен ден на Израел

Ана Ололовска