Одбележани 110 години од смртта на Гоце Делчев

Од:

Со пригодна беседа и положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје денеска беа одбележани 110 години од загинувањето на идеологот на македонската револуционерна борба.

Пред саркофагот на Гоце се поклонија делегација од Владата, во која беа министрите за култура и за трнаспорт и врски, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, делегации од Кабинетот на Претседателот и од Собранието на РМ,  на Армијата  на Република Македонија, МАНУ, Институтот за национална историја, од Сојузот на борците на Македонија,  од политички партии, организации, здруженија, општини и установи што го носат името Гоце Делчев.

Во пригодната беседа академик Блаже Ристовски рече дека Гоце загинал во  својата прва битка во Баница, но десет години, рече тој, стрпливо и упорно го готвеше илинденскиот народен подвиг.

–  Самостојноста и независноста на ослободителното дело му беа принципи за успехот и карактерот на борбата. Ропството, сметаше тој, се должи на самиот роб и се крепи повеќе од него отколку од мачителот и дури кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува самото од себе. И ги впрегна Гоце сите сили да го ослободи робот во самиот Македонец, да му вдахне вера во победата, во сопствената сила и моќ. И при сето тоа, Делчев се залага и за македонска култура како темел за извојување на слободата. Делчев загина пред да пламне Илинденското востание, дури  и во напорот да го одврати предвременото и неподготвено избувнување, но тоа не беше пречка токму тој да стане симболот на тоа Илинденско востание кое, како што рече и Мисирков, направи епоха во нашата историја, рече Ристовски.

На настанот беше промовиран проектот „Поклонение на визионерот – младите за Делчев“, чија цел е, како што појасни Александар Ангеловски, младите генерации од Македонија и од дијаспората  да го зачуваат од незаборав споменот за Гоце. Проектот предвидува неколкучасовно дефиле во кое ќе учествуваат 31 двојка (колку што Гоце имал години кога загинал) кои стапиле во брак во претходната година и централната манифестација да биде на плоштадот „Македонија“. Тој соопшти и детали од проектот, како облека на учесниците, маршрутата по која ќе се движат.

Годишнината од смртта на Гоце Делчев оваа година се совпадна со верскиот празник Велика сабота и затоа не се одржа панихида.  На одбележувањето настапи Градскиот мешан хор „Вардар“, а цвеќе беше положено и пред спомениците на Гоце на плоштадот „Македонија“ и во Градскиот парк.

Визионерот Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од турската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.

Целта на неговото последно патување била намерата да го спречи или одложи предвременото востание, кое во тие денови (2 до 7 мај) се договарало на Смилевскиот конгрес во домот на Даме Груев. Делчев сметал дека се уште не се созреани политичките услови за кревање востание што, сепак, ќе се случи на Илинден, три месеци подоцна.

Неговиот 31-годишен живот почнува на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

Во зачуваните писма, Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население:

„Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и, тогаш, тие доброволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.

Би можело да ве интересира

Откриена биста на Гоце Делчев во Пустец

Доделена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни остварувања во областа на науката

Доделување на државната награда „Гоце Делчев“

Одбележување 121 година од смртта на Гоце Делчев

Катерина Ѓуровски

Посебен режим на сообраќај во Скопје во сабота поради чествувањето на смртта на Гоце Делчев

А1он

Во финална фаза подготовките за поставување бистата на Гоце Делчев во центарот на Пустец

Катерина Ѓуровски