Во Меморијалниот центар на Евреите во Скопје денеска беше одбележан Јом Ашоа – Националниот ден на холокаустот што Израел го одбележува во знак на сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето – 1943 година и на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот.
– Во овие турбулентни времиња во кои сме сведоци на повторно оживување на нацистичките идеи во срцето на Европа, ние во Македонија преку разни форми на едукација и сплотени со заедничката идеа за живот со љубов и без омраза нема да се дозволиме да се заборави најголемиот злостор во човековото постоење, порача Пепо Леви, претседател на Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија.
Во чест на одбележување на Јом Ашоа, беше откриен споменикот за сеќавање на 7.144-те жртви Евреи од Македонија, изработен од вајарката Валентина Стефановска.
– Овој паметник секогаш ќе не потсетува на нашите Евреи и на незаборавните зборови на Ели Визал „Да се заборават мртвите е исто како да ги убиеш по втор пат“, истакна Леви.
Берта Романо-Николиќ, претседателката на Еврејската заедница во Македонија пред присутните порача дека без сеќавање нема иднина, и дека не смее да се заборават шесте милиони невини жртви од кои еден милион деца кои треба да бидат основа во грижата и совеста на младите генерации и да им се овозможи да научат за холокаустот и за страдањата од Втората светска војна.
– Само додека се сеќаваме можеме да дадеме церемонијална почит, прикладна од душата, почит за жртвите. Само додека се сеќаваме, тоа наше сеќавање не може да престане. Тоа треба да е опомена за идните генерации да знаат да изразат жалење за страдањето, но истовремено да му се посветиме на нивното сеќавање што ќе помогне да се спречи повторување на злосторството, рече Романо-Николиќ.
Комеморацијата се одбележа со изложба на цртежи од деца од основните училишта од Македонија.
Шесте комеморативни свеќи ги запали Љубомир Младеновски, еден од најстарите членови на еврејската заедницата.
Фото: МИА