Медицинските сестри и акушерки наскоро ќе се обединат во здружение за поефиканско остварување на нивните права. Целта, како што беше истакнто на денешното одбележување на Меѓународниот ден на медицинските сестри – 12 мај, е да се формира комора како правен субјект.
Главната сестра во Градската општа болница „8 Септември“ Горданка Бешлиовска појасни дека здружението на медицински сестри и акушерки кое ќе ги сплоти сите сестри кои досега не се здружени.
Медицинските сестри се препознаени во својата професија и веќе докажани. Тие се носители на здравствената нега со сопствени задачи. Во моментов сме дефицитарни и во голем број здравствени установи се чувствува недостиг на медицински сестри и покрај тоа што нашиот образовен процес се повеќе се шири во сите области, во вториот и третиот циклус на студии за медицинските сестри, рече Бешлиовска.
Таа истакна дека изминатите неколку месеци во ГОБ „8 Септември“ е затворено одделение и имаат редукција на работата во операционите сали.
– ГОБ „8 Септември“ има недостиг од 180 медицински сестри, а во моментов во болницата има 312 медицински сестри во редовен работен однос. Има околу илјада вработени од кои 270 лекари, што значи дека по ниту еден стандард не е во моментов, рече Бешлиовска.
Нагласи дека се чувствува одливот на сестри и додаде оти е потребно да се даде акцент на побрзо вработување и решавање на статусот на сестрите.
– Многу од сестрите во болниците се задржуваат подолго време со нерешен статус, со договор на дело или како волонтери со многу ниски финансии. Тоа е многу голем проблем кој предизвикува дестимулација кај сестрите во сопствената професија, рече Бешлиовска и изрази надеж дека наскоро ќе има конкурс преку кој ќе може да се вработат веќе завршени сестри.
Европа, како што рече, е дефицитарна со медицински сестри, а ние ги произведуваме и едуцираме додека се во статус на волонтери и договор на дело, а потоа тие едуцирани ни заминуваат надвор од државата.
Бешлиовска посочи дека не може да се зборува за правилно вреднување на трудот на медицинските сестри се додека тие се препознаени преку паушалните колективни договори во кои, како што рече, се сместени во една одредена група каде дискрапанцата на бодот на медицинската сестра е многу мал.
– Сестрите во колективниот договор се препознаени паушално и нашата цел е формирање сестринска комора. Сметаме дека со формирањето на комората како правен субјект ќе ги отвориме сите прашања за решавање на статусот на нашите сестри и препознавање во колективните договори. Се додека во колективниот договор не ги добиеме правилните бодирања на нашето образование, не можеме да очекуваме во работните организации да добиеме правилно вреднување на нашата работа, потенцира Бешлиовска.
Неофицијално во Република Македонија има околу седум или осум илјади медицински сестри.