Одбележан Меѓународниот ден на космонаутиката

Од:

Меѓународниот ден на космонаутиката со кој се одбележува првиот лет околу Земјата на Јуриј Гагарин на 12 април 1961 година денеска во организација на Руската амбасада беше одбележан во паркот „Македонија“ во Скопје.

Делегации од Амбасадата и од институции во земјава положија цвеќе пред споменикот на советскиот космонаут и заедно со ученици од ОУ „Димитар Миладинов“ кон небото пуштија 58 балони во боите на руското знаме – симболично за 58-те години од историскиот 108-минутен лет на Гагарин со вселенскиот брод „Восток 1“.

Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин рече дека подвигот на Гагарин не бил само моќен продор во истражувањето на вселената, туку и олицетворение на херојството и самопрегорот на рускиот народ.

-До ден-денес истражувањето и освојувањето на вселенскиот простор, користењето на можностите кои се отвораат во интерес на економијата и социјалната сфера остануваат најважни приоритети на технолошкиот пробив на Русија. Од 1961 година до сега, 122 наши космонаути учествуваа во орбитални летови. Во 2018 година Русија изврши 17 орбитални лансирања. Сега на орбитата е тимот на 59-тата долгорочна мисија на Меѓународната вселенска станица, која вклучува и двајца Руси, тројца Американци и еден Канаѓанец, рече Баздникин.

Планираат градење орбитална групација на вселенски летала за социоекономски и научни цели, вклучително и за спроведување подлабоко истражување на Месечината, учество во мисии во рамки на меѓународната соработка за истражување на Марс, Венера, Меркур и Сонцето.

Нагласи дека главен приоритет на Русија е зачувување на постојниот безбедносен систем во вселената и нејзино мирно користење и дека заедно со Кина се залагаат за склучување договори за забрана на милитаризација на вселената.

Меѓународниот ден на космонаутиката (летот на човекот во вселената) се одбележува на 12 април на иницијатива на Русија. Резолуцијата е усвоена на специјален состанок на Генералното собрание на Обединетите нации во 2011 година.

Јуриј Гагарин (1934-1968) е првиот космонаут кој со ракета ја обиколил Земјата. На 12 април 1961 година во 6 часот и 8 минути по локално време се вивнал во орбитата на Земјата од космодромот Бајконур во Казахстан, а по враќањето, на 14 април, за него бил организиран масовен пречек. Гагарин загинал во авионска несреќа на 29 март 1968, седум години по големиот подвиг, при еден рутински лет со МИГ 15. Не е целосно разјаснета причината, но се претпоставува дека удрил во метеоролошки балон.

Би можело да ве интересира

Руските космонаути со нов рекорд во вселената

Предраг Петровиќ

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Блумберг: Америка тврди дека Русија ќе испрати нуклеарно оружје во вселената оваа година

Не сме сами: се појавуваат докази за живот во вселената

Предраг Петровиќ

Астронаутите инсталираа нови соларни панели на ISS

Ана Ололовска

Најголемата вселенска експлозија: Научниците никогаш не биле сведоци на нешто од вакви размери

Предраг Петровиќ