Со црковно народен собир денес беше одбележан летниот празник Свети Наум Охридски Чудотворец во истоимениот манастирски комплекс на Попова Шапка. Традиционално за ова празнување доаѓаат голем број верници од сите краеви на Македонија.
Во патроната црква беше отслужена света божествена архиерејска литургија чиноначалствувана од тројца владици на Македонската православна црква – Охридска архиепископија , митрополитот тетовско-гостиварски господин Јосиф, митрополитот кумановско -осоговски господин Јосиф и митрополитот европски господин Пимен во сослужение на повеќе свештенослужители.
-Ако свети Наум е ученик на светите браќа Кирил и Методиј тогаш сите ние сме негови ученици и многу сме му должни како народ и како монаштво на возобновената Охридска архиепископија во лицето на МПЦ. Неговото дело е возвишени и затоа овој храм е на едно вакво возвишено место, рече во својата беседа пред присутните митрополитот тетовско гостиварски господин Јосиф.
Митрополитот европски господин Пимен истакна дека голема е радоста кога човек ќе види дека и по толку пат и раздалеченост црквата да е полна и дека луѓе се трудат да доаѓаат и така да ја помагаат црквата.
Светата литургија беше збогатена со црковно пеење на реномираниот женски младински хор Менада од Тетово под диригентство на Ивица Зориќ. По литургијата беа прережани кумските колачи по што во трпезаријата беа поделени парчиња од лебовите, а паричките во нив ги одредија кумовите за прославата на празникот Свети Наум за следното лето.
За сите присутни на црковно народниот собир во манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка беше приреден ручек. Прославата продолжи со македонски песни и ора во манастирската црква и покрај лошите временски услови.