Со полагање свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Могилата на непобедените и споменикот на Песјобрдце, Општина Прилеп го одбележа 3 Ноември, Денот на конечното ослободување на градот.
Градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, претставници на АРМ, боречката организација, политички партии и здруженија на граѓани, се поклонија пред загинатите борци и им оддадоа почит на сите учесници во четиригодишната Народноослободителна борба против фашистичкиот окупатор.
Честитајќи им го на своите сограѓани Денот на ослободувањето, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека денешните, но и сите идни генерации, треба да ги почитуваат жртвите на борците за денешната слобода.
„Сакам да ви го честитам денешниот празник, 3-ти Ноември, кога после четиригодишната Народноослободителна борба беше ослободен нашиот град. Тука сме да се поклониме пред Могилата на непобедените, пред загинатите борци, кои ни оставија аманет да ја чуваме нашата држава и сите заедно да се бориме за подобар животен стандард, за поголем развој на нашиот град и за подобар живот на сите граѓани на Прилеп“, рече градоначалникот Јованоски.
„3-ти Ноември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор, е еден од најважните датуми на Прилеп. Мотивот кој го имале нашите предци, да се изборат за слобода, независност и државност, нека биде поттик повеќе за сите нас, без разлика на нашата верска, политичка или било каква друга определба, да се избориме за економски просперитет. Да се избориме да бидеме рамо до рамо со најмоќните држави во светот, да бидеме членка на ЕУ и НАТО. Нека им е вечна слава на сите паднати борци кои ги дадоа животите за својата држава“, нагласи во своето обраќање Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.
„Се наоѓаме пред еден значаен споменик, Могила на непобедените, каде се наоѓаат останките на многу наши сограѓани и многу наши блиски кои ги дадоа своите животи за оваа слобода. Ние повозрасните се сеќаваме на настаните од 1944 година за конечното ослободување на Прилеп, кога се водеа жестоки битки меѓу партизанските единици веќе формирани во бригади, со германските војски. Во тие борби, храбро загинаа повеќе од 230 партизани. Како прилепчани, треба да сме горди што нашиот Град Херој ги почитува овие револуционерни традиции, а и младите генерации треба да бидат воспитувани во револуционерен дух, почитувајќи ги идеите на партизаните“, изјави Круме Соколоски, претседател на Општинскиот одбор на Сојуз на борци – Прилеп.
За значењето на денешниот ден, како и за завршните борби за ослободување на Прилеп, пред споменикот во месноста Песјобрдце, зборуваше историчарот Рубин Белчески.