По повод 26 јануари – Меѓународниот ден на Царината, кој годинава се одбележува под мотото „Сигурно деловно опкружување за економски развој” со кое се охрабруваат членките на Светската царинска организација (СЦО) да создадат средина за деловната заедница која ќе го олеснува нејзиното учество во прекуграничната трговија, денес (26.01.2018 година) директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски на четворица царински службеници им додели пофалници од Генералниот секретар на СЦО, г-дин Кунио Микурија.
Пофалници за исклучителен ангажман во сферата на креирање на безбедно опкружување и придонес за поголема ефективност и ефикасност во работењето и олеснување на трговијата и транспортот, им беа доделени на следните царински службеници: Никола Неделковски – виш цариник на царинска испостава Блаце, Тоде Цветановски – цариник на царинска испостава Блаце, Беким Хоџа – водител на отсек на царинска испостава Блаце и Лидија Петковска самостоен советник за податочно складирање во Сектор за информатичко комуникациски технологии.
Генералниот секретар на СЦО, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на Царината, упати порака до сите земји членки на СЦО во која истакна дека Царината може многу да придонесе во создавањето на стабилно и предвидливо деловно опкружување, со кое ќе се овозможи рационализација на постапките, справување со корупцијата, подобрување на интегритетот и олеснување на прекуграничното движење на стока, услуги и луѓе.
Исто така ја истакна и големата важност на безбедноста, бидејќи легитимните бизниси бараат сигурен синџир на трговска размена за да просперираат, но во самата трговија постојат закани, како што се пратки со нелегална стока која може да е штетна по здравјето и безбедноста на луѓето. Борбата со прекуграничниот криминал, вклучувајќи го и незаконското финансирање на меѓународниот тероризам преку трговија е одговорност што Царината сериозно ја сфаќа во напорите да обезбеди „безбедна” околина.