Од утре заедничко гранично управување со Србија

Од:

Помалку контроли и царинење и забрзување на протокот на патници , стока и превозни средства ќе овозможи заедничкото гранично управување што треба да стартува утре на преминот Табановце – Прешево. Со концептот, што првпат го воведуваме со Србија, со едно застанување на заедничка испостава се очекува двојно да се намали времето на чекање за граѓаните и превозниците.

Почетокот на проектот за интегрирано гранично управување „One stop shop” ќе го означат премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ, која со таа активност ја почнува официјалната посета на државава.

– Заедничката економска агенда на Западен Балкан што ја потврдивме на Самитот во Трст, ја носиме Европа овде на Балканот, истакна Заев по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во септември лани, кога го најавија стартот на проектот.

Концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување (One-stop shop) значи поедноставени постапки, што се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број застанувања, по можност единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш на едно место. Со примена на концептот на заедничка контрола се постигнува поголема усогласеност и се олеснува преминувањето на патниците, стоките и превозните средства во патничкиот сообраќај, како и предметите што патниците ги носат со себе.

За патниците и транспортерите кои од Србија ќе се движат кон државава српската гранична служба ќе спроведе излезна контрола на наша територија на ГП Табановце, додека контролата за оние кои патуваат од кај нас кон Србија излезната контрола македонските гранични служби ќе ја спроведат на српска територија, на граничниот премин Прешево.

Според надлежните, во примената на овој концепт од исклучително значење е користењето на еден заеднички објект на граничниот премин каде што се вршат граничните формалности. Покрај забрзан проток на патници, стока и превозни средства, заедничкото царинење, меѓу останатото, треба да овозможи повисок степен на хармонизација на граничните контроли, како и да се намали можноста за царински измами, поради директниот увид во комерцијалните документи што ја следат стоката.

Заедничкото царинење е и едно од барањата на транспортерите, кои сметаат дека со ова ќе се олесни процесот на транспортот и превозот на стоки.

Заедничка контрола, покрај на граничниот премин Табановце, се подготвува и на железничкиот премин Табановце и на Ќафасан кон Албанија. На ГП „Ќафасан“ веќе се одвиваат градежни работи за надградба на објектите.

Би можело да ве интересира

Димитриевски: СДСМ ја претвори Македонија во корупциски пазар

Касами: Не се исклучува министерското место во здравсто да биде на ВМРО-ДПМНЕ, а Влен да добие друг ресор

Таравари ја напушта Владата и ќе биде опозиција

ВИДЕО: Српски бизнисмен брутално претепан во Загреб, крвав лежеше пред хотелот

Катерина Ѓуровски

Српскиот патријарх Порфириј: Одлуката за МПЦ беше најспасоносна и најдобра, и за нив, и за нас, за сите

Предраг Петровиќ

СДСМ: Љутков постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место