Откако Владата во својот официјален став изнесен на 29 минатитот месец посочи дека гасоводот низ Водно е еколошки проект со минимален ефект врз животната средина, денеска преку соопштение реагираа од иницијативата „Не низ Водно“.
Оттаму во соопштението посочуваат дека со недвојбени факти одговораат на официјалниот став на Владата во врска со изградбата на гасоводот низ Водно.
„Градење во заштитено подрачје, каде живеат ендемични, ретки и загрозени видови од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, видови строго заштитени со анексите на Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта и ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои имаат статус на меѓународна заштита; заштитено подрачје каде што е присутна 1/3 од флората на цела Македонија, каде биолошката разновидност според Рио-Конвенцијата за биодиверзитет државата има обврска да ја штити; градење низ ерозивно подрачје со енормно сечење на вегетацијата, отстранување на хумусната површина, нарушување на природната состојба на тлото, деструкција на карпите на помали фракции и нивно поместување, појава на ерозија и свлечишта, нарушување на движењето на докажаните површински и подземни води, затнување на одводните канали, деструкција на воспоставените хабитати на флора и фауна и сл.; а со режим на заштита кој забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон“, реагираат преку соопштение од „Не низ Водно“ и велат дека не може под ниту едни услови ова да се нарече еколошки проект со минимален ефект врз животната средина.
Од иницијативата додаваат дека излегле на терен и дека во овој момент нема градежни активности, но тек се подготвителни активности за препроектирање на трасата.
Во соопштението посочуваат и дека изработен предлог и конечна одобрена измена на трасата со издадено одобрение за градење се две сосема различни работи.
„За да се работи на терен, како што се работело помеѓу 25 и 27 јули, изменетата траса требало да е одобрена со издадено одобрение за градење, но не била и се работело на старата траса. Постои ширина на траса додека се работи на поставување на гасоводот и ширина на траса која останува после изградбата на гасоводот. Првата не може да е под 20-25 метри за нормално и безбедно работење. Втората, според сите стандарди не смее да е помала од 15 до 20 метри и тој појас мора да остане чист и на него не смеат да се садат дрва. Дополнително, ширината на трасата нема да може да се намали по цела нејзина должина, туку само каде е можно, ако воопшто, според тоа како стандардите налагаат, а и според она што гледаме на терен. Делови со густа дрвна маса ќе се исечат и со новата изменета траса и тоа во потег од околу 2 до 2.5 километри. Срамнувањето на околу 200 метри од сртот со багери е градежна активност која се одвивала на старата траса во ширина на старите 25 метри“, стои во соопштението на иницијативата „Не низ Водно“.
Од „Не низ Водно“ додаваат дека во наредниот период планирани се активности во деловите каде не е предвидена измена на трасата, односно деловите каде нема загрозување на животна средина, а деловите каде не е предвидена измена на трасата се деловите на качување на трасата по Водно низ Сопиште и Горно Соње и спуштање на гасоводот низ Грчец и Шишево, низ ерозивни подрачја и густа шума, велат од иницијативата во нивното соопштение.
Оттаму посочуваат дека се работи за терен со пад од 41% и неизбежен ризик од појава на свлечишта и ерозија, со опасност по жителите во тој регион.
Противречно, велат од „Не нив Водно“ е да се каже дека има делови во парк шумата Водно каде нема загрозување на животната средина, бидејќи такви делови, велат нема.