Сите заинтересирани граѓани од денеска ќе можат по електронски пат да ја проверуваат состојбата на податоците за уплатен стаж. Заинтересираните претходно треба во Фондот за ПИОМ да подигнат корисничко име и лозинка со кои ќе си обезбедат пристап до податоците.
Овој проект, како што информираше на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, е во насока на поголема информираност на граѓаните за состојбата со нивниот пензиски стаж, со што ќе имаат можност навремено да реагираат доколку тој не им е впишан за одреден период за кој работеле, пред 2009 година од кога почна интегрираната наплата на придонесите.
Директорот на Фондот за ПИОМ Амет Даути смета дека со воспоставувањето на оваа нова услуга за електронски увид на податоците, покрај тоа што ќе се избегнат турканиците на шалтерите, ќе им се овозможи на граѓаните 24 часовен пристап до податоците.
Тој информира дека во исто време продолжува да функционира и стариот начин за информирање за стажот на шалтерите на Фондот на ПИОМ и подрачните единици.
Министерот Спасов појасни дека покрај овој проект за информирање на граѓаните се спроведува уште еден со кој двапати годишно, еднаш до 15 февруари и еднаш до 15 јули, од ПИОМ по електронски пат се испраќаат податоци до работодавачите кои потоа се должни да ги дистрибуираат до нивните вработени. Земјоделците и самовработените лица ќе бидат информирани писмено за податоците за нивниот стаж.
Како резултат на првите испратени информации во февруари годинава досега 51.678 осигуреници направиле корекции на своите податоци за стаж.
Продолжува да се реализира и проектот за отворени денови за информирање на граѓаните за податоците на нивниот стаж, кој досега е реализиран во 16 општини во земјава.