Дури 671 социјално загрозени граѓани побараа бесплатна правна помош од шесте овластени здруженија
Здруженијата за бесплатна правна помош, од февруари 2014 до денес, обезбедија правна помош за 671 социјално загрозени граѓани кои имаат правни проблеми.
„Правната помош вклучуваше обезбедување правни информации и правни совети за граѓаните. Од нив, иако сите на работ на сиромаштијата, само 86 лица ги исполнија високо поставените законски услови за остварување на правото да побараат од државата одобрување на адвокат,кој ќе го плати државата согласно Законот за бесплатна правна помош. Проблемот на кој овластените здруженија укажуваат подолго време, е тоа што од овие вкупно 86 поднесени барања за ангажирање адвокат од страна на државата, само 19 лица навреме успеале во тоа“, стои во соопштението од здруженијата.
Од вкупно 671 социјално загрозени граѓани кои имале правен проблем само 3%, односно 19 граѓани, го оствариле правото на еднаков пристап до институциите на системот и ефективна правна помош, согласно начелото за еднаков пристап до правда.
„Поради должината на постапката и истекот на роковите со кои се врзани барателите на бесплатната правна помош во решавањето на нивните правни проблеми, 10 граѓани беа приморани да се откажат од поднесените барања или мораа да ја напуштат државата поради депортација како нелегални мигранти. Во таа смисла апелираме до надлежното Министерството за правда да ги има предвид заложбите на Владата превидени во Програмата за работа во 2014 година за поефикасна, сеопфатна, навремена и институционално координирана правна заштита, и итно да започне консултативен процес за менување на системот за бесплатна правна помош во Македонија“, соопштуваат здруженијата што се борат за еднаков пристап до правдата.
Оваа анализа е дел од активностите на проектот Пристап до правда во Македонија, финансиран од Европската Унија, и неговата цел е унапредување и промовирање на правото на бесплатна правна помош. Проектот го координира Фондацијата Отворено општество – Македонија, а партнерски организации се Македонско здружение на млади правници – Скопје, Национален ромски центар – Куманово, Младински културен центар – Битола, ЕХО – Штип, Избор – Струмица и 8-ми Септември – Скопје. Повеќе детали за работата на овластените здруженија можете да добиете на www.pristapdopravda.mk