Излезноста на ниво на цела држава до 13 часот достигнала 33,41 отсто, додека на ниво на Град Скопје своето право на глас го искористиле 33,88 отсто од гласачите, информираат од Државната изборна комисија водејќи се од податоците на компјутерскиот центар.
Се уште најмала е излезноста во општина Струга каде на 9 избирачки места каде што се прегласува вториот изборен круг, до 13 часот гласале 29,5 отсто, или 1975 граѓани, а нависока е повторно излезноста во општина Долнени каде се одржува вториот круг од изборниот процес и каде на 39 избирачки места правото на глас до 13 часот го искористиле 38,58 отсто од гласачите, или 4.508 граѓани.
Во општина Центар, каде се прегласува на 29 избирачки места, од 22.939 гласачи, колку што се наведени во избирачкиот список, до попладневните часови гласале 7.865 гласачи, или 34,29 отсто. Денеска се прегласува и на едно место во општината Ѓорче Петров каде, според последните ифнормации на ДИК, гласале 26,82 отсто, или 354 граѓани.
Од ДИК велат дека за сега не добиле приговори и поплаки по однос на изборниот процес. Во врска, пак, со добиените информации од невладината организација МОСТ која го набљудува процесот, дека во Долнени имало пауза од 20 минути на гласањето, од ДИК велат дека податоците најверојатно не се точни и дека не е евидентирано никакво прекинување на изборниот процес.
Денеска се врши прегласување или одржувањето на вториот изборен круг во следните места:
Во општина Ѓорче Петров се прегласува на едно избирачко место, односно во Домот на културата во село Волково. Во Центар, каде се прегласува на 29 избирачки места, прегласувањето се врши во основното училиште „Кочо Рацин“,средното училиште „Панче Караѓозов“, Детскиот дом „11 октомври“, државното училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, се прегласува во Домот на АРМ, основното училиште „Димитар Миладинов“, основното училиште „Кирил и Методиј“, во основното училиште „11 Октомври“, погонот на ЖТП, основното училиште „Песталоци“, основното училиште „Гоце Делчев“, фудбалскиот сојуз на Македонија, во Дом на градежници и во основното училиште „Коле Неделковски“.
Во општина Струга се прегласува на 9 избирачки места, а во Долнени низ целата општина односно на сите 39 избирачки места.