Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција најави дека ќе ја обжали одлуката на Основниот кривичен суд Скопје за изречениот куќен притвор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци.
– Одреден е куќен притвор. Не е уважен предлогот на Обвинителството да биде определена мерка притвор и веднаш ќе ви кажам дека ќе следи жалба на таквата одлука од причина што ценам дека Обвинителството даде навистина доволно докази да ги докаже околностите поради кои бараше да биде определена мерка притвор, а не куќен притвор дотолку повеќе што мерката на куќен притвор сметаме дека и натаму ќе постои опасност од влијание на сведоците и останатите материјални докази коишто треба допрва да бидат прибавувани и да бидат сослушани сведоците во текот на постапката. Од тие причини, секако дека ќе поднесеме жалба во текот на утрешниот ден, рече обвинителката која ја води истрагата Ивана Трајчева во изјава за новинарите по завршувањето на распитот.
Таа додаде дека не може да ги коментира причините на Судот поради кои решил да биде определена мерка куќен притвор, а не мерка ефективен притвор.
-Она што можам да кажам е дека од она што досега го имаме прибавено и она што беше кажано од самиот осомничен сметам дека постојат доволно околности да се потврди имотната состојба на осомничениот. Но тоа е сепак одлука на судот и јас не би ја коментирала, а сепак имам право на жалба, рече Трајчева.
Таа појасни дека во конкретниов случај е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за три јавни набавки, односно за три постапки за јавни набавки од коишто само првиот е вклучен во трите постапки за јавни набавки, додека останатите три лица се вклучени само во првата постапка за јавна набавка.
-Она што можам да ви кажам е дека Законот за јавни набавки предвидува дека вие не смеете да ги договарате условите, односно тендерската документација со учесниците во постапката, а кое нешто е направено во случајов. Не можете да контактирате со нив лично, туку си има начини на електронско комуницирање, официјално, кое нешто исто така е направено, значи повторно е постапено спротивно на Законот за јавни набавки. Исто така, вообичаено се прави анализа па се случува јавна набавка, а не обратно како што е во случајов и на крајот, но воопшто не е и најмалку битно е не може да изготвите, да барате тендерска документација за постапка која што стриктно упатува на конкретен патент и со цел да фаворизирате одредена стока или правно лице кое нешто е направено во случајов, појасни Трајчева.
Во однос на другите две постапки за јавни набавки, наведе дека истите се прибавени за потребите на првата, и напомена дека се набавени во време кога воопшто не ни била склучена првата јавна набавка, па, нагласува, малку е нејасно за што се набавени кога главниот дел го немало.
Кога станува збор за јавна набавка, обвинителката подвлече дека се прегледува целата постапка за јавна набавка од почетокот до крајот.
Обвинителката Трајчева најави дека можно е да се прошири истрагата доколку најдеме докази за основано сомнение дека и тие сториле кривично дело.
Судија на претходна постапа во Основниот кривичен суд-Скопје попладнево по четиричасовниот распит му одреди мерка куќен притвор на Рашковски, осомничен во случајот за јавна набавка на софтерот за сообраќајни прекршоци. Судот исто така по распитот му определи мерка куќен притвор и на Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“ од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај.
Во соопштението од Основниот кривичен суд се наведува дека во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Што се однесува до предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост за две други лица опфатени со истрагата, истите, согласно Законските одредби дополнително ќе бидат повикани да се произнесат по што ќе се одлучува, наведуваат од Судот.
Рашковски беше спроведен во Основниот кривичен Суд – Скопје пред судија на претходна постапка, по предлогот на ОЈО кое бараше определување мерка притвор, поради опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за случајот вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.