Обвинителството анализира 60 телефонски броеви на лица кои комуницирале со Груевски пред да избега

Од:

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја извести јавноста за досегашните преземени дејствија за бегството на осуденикот Никола Груевски.

Во соопштението пишува дека Обвинителството издало наредби за одземање на снимките од видео надзорот од камерите на Safe city системот во Скопје, од повеќе хотели и други објекти, од патниот правец кон Шпиље и Дебар, од аеродромот во Скопје, како и од сите гранични премини кон Република Албанија. Од три хотели во Скопје Обвинителството добило одговор дека не се во можност да го екстрахираат снимениот видео материјал, по што надлежниот јавен обвинител издал наредба за одземање на приемниците за снимање и нивно вештачење.

Целокупниот прибран видео материјал со големина од околу 10 терабајти бил доставен за анализа до Министерството за внатрешни работи. По таа наредба сè уште се постапува.

Од Интерпол, преку Министерството за внатрешни работи, доставена е информација со која се укажува дека не постојат податоци за излез на Груевски на ниту еден граничен премин од Македонија во критичниот период.

„Преку меѓународна правна помош, Обвинителството на 19.11.2018 година достави барање до надлежните институции во Република Албанија и Република Црна Гора за обезбедување на снимките од видео надзорот на граничните премини, како и од камерите со кои се покрива околината на Амбасадата на Република Унгарија во Тирана. По барањето, црногорските власти постапија веднаш и на 21.12.2018 година екипи од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција лично го презедоа снимениот видео материјал во Подгорица“, соопштија од Обвинителсството и додаваат дека надлежните органи од Албанија, по две ургенции, ги известиле дека побараниот видео материјал е обемен и дека не поседуваат опрема за негов пренос.

Во предметот, како што соопшти Обвинителството, издадени се 16 наредби за листинзи од вкупно 60 телефонски броеви од лица кои биле поврзани или за кои постоело сомнение дека комуницирале со осудениот во критичниот период. Листинзите се обезбедени и од нив првично се утврдени некои факти кои се предмет на натамошно постапување и анализа.

Надлежниот обвинител, преземајќи дејствија во предметот, сослуша вкупно 56 лица, од кои 28 полициски службеници од граничните премини, шестмина членови на обезбедувањето на осуденото лице Никола Груевски, пет службени лица од Министерството за внатрешни работи и 17 други лица.

Обвинителството во неколку наврати побарало од надлежните служби да му бидат доставени информации и податоци за начинот и преземените мерки во обезбедувањето. Исто така, до повеќе надлежни институции, обвинителот достави барања за податоци во насока дали имале сознанија дека сега осудениот Груевски се подготвува за бегство. Од сите институции пристигнат е одговор дека немале сознанија ниту информации за такви планови на осуденото лице.

Основното јавно обвинителство утврдило дека во септември 2018 година, на ист датум од три различни банки, сега осуденото лице Никола Груевски подигнало околу 120 илјади евра од сопствени сметки, за што банките пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до СЈО.

„До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, пишува во соопштението.

Би можело да ве интересира

Градежните работници се пуштени, Обвинителството го почна увидот за пожарот во Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Тошковски: Несериозни и непрофесионални се изјавите за убиството на лекарот

Пијан Србин избоде маж во угостителски објект во Јосифово

Катерина Ѓуровски

За насилникот кој злоставуваше малолетничка се бара притвор, немала ни 15 години

Катерина Ѓуровски

Обвинителството проверува дали се поврзани убиството кај Блаце и палењето на „Барон“

Катерина Ѓуровски

Илиеска: Кукавички чин, имам одредени сомнежи, но не се потврдени

Горан Наумовски