Советот на јавни обвинители в понеделник закажа седница на која треба да избира шефови на скопското обвинителство и на Обвинителството за организиран криминал и корупција, виши јавни обвинители во Скопје, Гостивар и Битола… Извори од Советот за „Макфакс“ потврдија дека денот на изборот ќе биде в понеделник, бидејќи на шести јуни им истекува в.д. мандатот на шефовите на обвинителставата.
Како најсигурен кандидат за челната позиција на скопското обвинителство, како што веќе објави „Макфакс“ се споменува името на досегашниот вршител на должност, Сашо Рајчев. Најсигурен кандидат за шефовската позиција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, е обвинителката Вилма Русковска, која заедно со нејзината колешка, Гордана Смаќоска, го работеа обвинението за крвавиот четврток.
Советот на јавни обвинители огласот го објави февруари, откако претходниот пропадна. Извори од Обвинителството за „Макфакс“ потврдуваат дека Русковска најверојатно ќе го добие челното место, меѓу другото и поради обвинението за крвавиот четврток.
Советот на јавни обвинители го тресеа скандали откако на седницата во јануари, Коле Штерјев, претседателот на ова тело, го овозможи изборот на неговата внука во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Марија Ѓорѓева, а Фиданка Рајевска, гласаше да не биде избрана обвинителката, која го гони нејзиниот сопруг за перење пари. Рефератот во кој се констатира судир на интереси е пред антикоупциската комисија која не функционира, бидејќи членовите поднесоа оставки.
Порталот „Сведок“ објави дека јавната обвинителка од Тетово, Деса Пауновска, сакала да стане вш обвинител во Гостивар, а за возврат да им обезбеди глас за избор на другите шефови на обвинителствата. Пауновска објаснила дека таа ќе излезе од седницата кога ќе се гласа за неа за изборот да биде регуларен.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески за „Макфакс“ потврди дека е запознат дека седницата на Советот ќе се одржи, но рече дека сè уште до него не стигнала поканата.
Васко Маглешов