Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против сторителот на минатогодишното трикратно убиство во Кавадарци.
– По спроведена темелна истрага, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвиненителен акт за едно лице за сторени три кривични дела „убиство“, за кои согласно Кривичниот законик е пропишана казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.
Обвинетиот тројното убиство го извршил на 09.11.2014 година околу 16:00 часот во семејната куќа на жртвите. Тој бил дојден во куќата со намера да разговара со сопругата, која по прекин на брачната заедница престојувала во куќата на жртвите. По пристигнувањето на обвинетиот, а во отсуство на поранешната сопруга, настанала вербална расправија помеѓу обвинетиот и мајката и сестрата на сопругата, сега починати лица. Во момент на меѓусебно туркање и влечење за облека, од јакната на обвинетиот испаднал пиштол кој тој го употребил и им нанел на двете жртви огнострелни повреди. Потоа обвинетиот се качил на катот од куќата и на влезот од собата испукал еден куршум во таткото на неговата сопруга , нанесувајќи му огнострелна повреда.
Од повреди мајката и таткото починале веднаш, додека на сестрата и била укажана помош и била пренесена во болница во Кавадарци каде подоцна им подлегнала на повредите.
Обвинетиот по извршувањето на кривичното дело беше недостапен за органите на прогонот. Тој е пронајден два дена подоцна.
Во текот на истрагата, како што се наведува во соопштението, е утврдено дека обвинетиот повеќе пати бил пријавуван како лице кое упатувало закани кон своите блиски и блиските на неговата сопруга, како и дека е извршител на семејно насилство кон сопругата.
Имајќи ги предвид видот и тежината на сторените кривични дела и запретената казна за истите, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Велес доставил и Предлог за продолжување на мерката „притвор спрема обвинетиот“.