Триесетина судии, јавни обвинители, ментори и предавачи на Академијата за судии и јавни обвинители денеска и утре ќе разменуваат практични и компаративни искуства за новите едукативни методи и алатки за успешна реализација на Програмата за почетна обука помеѓу Државната правосудна академија на Република Франција и македонската Академија.
Дводневната обука, како што изјави денеска дректорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, е во организација на Академијата со поддршка на Француската амбасада во рамки на тригодишниот Македонско-француски билатерален проект за јакнење на капацитетите на македонското правосудство.
– Експертите од Франција преку презентации и студии на случаи на дводневната обука ќе го појаснат начинот на кој се спроведува Пограмата за почетна обука во Франција преку идентификација на професионалните способности на предавачите и менторите, дефинирање на целите на обуките, поставување на едукативните цели и примена на разни вештини во рамките на know – how, во насока на нивна успешна реализација, изјави Арнаудовска.
Особено е важно, како што додаде, тоа што француските судии ќе им ги пренесат искуствата на македонските ментори во пресрет на новата програма за практична обука која се прави за петтата генерација кандидати на Академијата во која е предвидено воведување нови наставни техники и методи по урнек на Француската правосудна академија.
Француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер изрази благодарност до Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи по вторпат е домаќин на обуката која е наменета за обучувачите на Академијата.
Оер посочи дека обуката ќе биде спроведена од судиите од Државната правосудна академија на Република Франција Вероник Ланео и Шантал Барон и има за цел да се зајакнат обучувачите капацитети на Академијата според постојните критериуми и стандарди.
– Функционирањето на независното судство, но и можноста сите граѓани кои имаат некоја потешкотија да се обратат и да имаат доверба во судските установи е суштинска работа за која имаме огромна доверба во Академијата, затоа и соработуваме се со цел да ги подготвиме идните генерации за се она што ги очекува, нагласи Оер.
Во оваа пригода таа изрази задоволство бидејќи македонски судија беше на престој во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за да собере искуства во однос на усвојувањето на европското законодавство, но и за практиката на ЕСЧП.
Судијата Наталија Донева од Основниот суд Скопје 2 Скопје во Одделот за трговски спорови истакна дека за време на двомесечниот престој во Европскиот суд за човекови права во Стразбур се стекнала со драгоцено и практично искуство за примена на Конвенцијата преку непосредна работа.
– Стекнатото искуство ќе го применам дома при одлучување во моите предмети како од материјално-правен, така и од процесно-правен аспект, додаде таа.
Според Донева, престојот во ЕСЧП е единствениот начин да се има непосреден допир со Конвенцијата затоа што, како што рече, „учењето преку работа е најефективниот начин на учење“.