Обука на адвокатите за новиот ЗКП и за Законот за одмерување на висината на казната

Од:

Адвокатската комора на РМ (АКРМ) во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), денеска започна со имплементација на едногодишен проект „Обука на адвокатите на одбраната за новиот Закон за кривичната постапка и на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната“.

Придобивките од овој проект, како што истакна претседателот на АКРМ, Никола Додевски, ќе бидат долгорочни не само за адвокатите кои ќе бидат обучени, туку и за Адвокатската комора како професионална организација во однос на зајакнување и проширување на капацитетите за продолжување на правното образование на адвокатите.

Зајакнувањето на уставната улога на адвокатирата преку професионална и добро организирана Адвокатската комора, како што истакна Додевски, ќе придонесе за зајакнување на демоктратијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права.

– На обуките кои се спроведуваат речиси три години по воведувањето на ЗКП ќе бидат презентирани не само за законските одредби, туку учесниците ќе се фокусираат на практичните проблеми кои се појавуваат  од почетокот на иплементацијата на овој закон, а особено ќе бидат истакнати предностите и недостатоците кои законот во целина ги има за бранителите, истакна претседателот на АКРМ.

Тој посочи дека потребата од измени на ЗКП била воочена уште пред да стапи во сила. – Овие три години покажаа дека апсолутно биле во право сите кои сметале дека уште пред да почне примената на овој закон ќе треба да се направат некои измени. За жал се уште не се направени, додаде тој.

Како главни слабости ги посочи исклучително кратките рокови на одбраната за подготовка на својата одбрана за преземање на дејствијата на истрага.

– Има истраги кои што траат со години или со месеци, добивате материјал од повеќе илјади страници и според законот одбраната има 15 дена да ги подготви своите тези, да ги побива доказите и да ги презентира своите докази. Тоа е позиција која не е допуштена и која е директно противречна со еднаквоста на оружјето како генерален принцип на кој се базира заштитата на човековите права, рече Додевски и додаде дека иста ситуација има и во жалбените постапки каде за предмети за кои има огромен материјал роковите се фиксни од 15-тина дена што е спротивно на практиката на повеќе држави.

Во однос пак на Законот за одмерување на висината на казните,  Додевски посочи дека Адвокатска комора има став дека ваквите одредби не треба да бидат мандаторни, односно задолжителни. – Во тој правец настојуваме да има законски измени и тоа да биде факултативно, односно Судот да биде тој што ќе одлучи во кој случај може да го примени… Сега засега тоа не е во практика така, но и во тој правец преку дискусии ќе настојуваме да се воведат измени кои овие одредби би ги направиле применливи само кога судот ќе најде за потребно, рече претседателот на АКРМ.

Ајрин Ф. Мар, в.д. правен советник, Биро на Стејт Департментот за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот (ИНЛ), Амбасада на САД во Скопје, во поздравното обраќање истакна дека и покрај многуте предизвици со кои се соочува Македонија има луѓе – професионалци кои се борат во одбрана на владеењето на правото.

Во рамки на едногодишниот проект ќе бидат реализирани 14-тина обуки и тркалезни маси со посебен акцент на учење на практичните вештини кои ќе се спроведуваат од домашни и странски експерти.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО