Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија соопшти дека новите ковид мерки со кои за влез се бара сертификат за вакцинација или потврда за прележан вирус во последните 45 дена, прометот е намален за речиси 50 проценти. Загрозен е и опстанокот на оваа стопанска гранка, а во прашање се доведени и работните места на повеќе од 3.500 директно вработени во спортските обложувалници, како и местата на преку 50.000 вработени во други дејности кои зависат од работењето на обложувалниците.
АСОМ бара итно носење економски мерки за финансиска помош, не само за спортските обложувалници, туку и за сите други субјетки го имаат истиот проблем, со цел одржливост на бизнисот и зачувување на работните места.
-Со оглед на лошите финансиски резултати од работењето кои ги бележат членките, а предизвикани од новите КОВИД мерки, земајќи ги предвид претходно наведените факти, бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена, наведува АСОМ.
Според АСОМ, од почетокот на пандемијата, спортските обложувалници доследно и во целост ги почитуваат сите мерки и протоколи за работа кои ги носеше Владата.
-Спортските обложувалници беа првите целосно затворени субјекти дури два месеци, во периодот од март до мај 2020 година. По отворањето, обложувалниците продолжија да работат по најстроги протоколи, иако во објектите на спортските обложувалници практично и да нема задржување. Работата се одвива преку шалтерски систем со минимално задржување на играчите, а дека мерките и протоколите се почитуваат во целост го потврдува и фактот дека ниту еден објект не е санкциониран за непочитување, стои во соопштението.
Асоцијација повторно апелира Владата итно да овозможи онлајн игри на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи.
-Секоја година од индустријата на игри на среќа во државниот и локалните буџети се слеваат повеќе од 250 милиони евра. Тука се вклучени директни и индиректни приходи, придонеси и даноци за плати, закуп на деловен простор. Воведувањето на он-лајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи ќе значи уште поголем прилив во државниот буџет и повеќе средства кои понатаму се вложуваат во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Сега, немањето можност за играчите легално да ги користат он-лајн игрите на среќа преку домашните лиценцирани приредувачи, придонесува тие да играат на странски сајтови што предизвикува одлив на средства надвор од државата во вредност од 40 до 50 милиони евра на годишно ниво, по сите основи. Со тоа губат и приредувачите и државниот буџет, велат од АСОМ.