На интернет-страницата на Европската банка за обнова и развој денеска е објавен јавен повик за набавка на нови дизел-моторни и електро-моторни гарнитури за превоз на патници за потребите на Македонски железници АД Транспорт. Тоа е прва набавка по цели 35 години од купувањето на последниот воз во железницата.
Ќе се набават четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон, инвестиција во железницата од 25 милиони евра, што МЖ Транспорт ги обезбеди преку кредит од ЕБРД, со гаранција од државата.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески првичните понуди ќе може да се достават до 8 октомври годинава кога ќе започне евалуацијата, а финалните понуди на почетокот на декември годинава.
– Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Република Македонија, што значи може да ги очекуваме на крајот на 2014, или на почетокот на 2015 година, рече на прес-конференција Јанакиески.
Патничките гарнитури ќе бидат со вкупен капацитет од околу 1.200 патници, секоја по 200 патници. Ќе се користат на најфреквентните линии. Според анализите на „МЖ Транспорт“, со нив ќе се покријат 60 проценти од линиите што, според министерот за транспорт, директно значи поудобен и поквалитетен превоз за корисниците на железничкиот транспорт. Набавката на вагоните, тврди Јанакиески, нема да влијае на цената на билетите во железничкиот сообраќај.
Патничките гарнитури кои ќе бидат набавени треба да ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците. – Ќе бидат целосно климатизирани, опремени со вакуум тоалети, енергетски ефикасни, ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската унија, наведе Јанакиески.
Тој очекува реализацијата на набавката на патничките гарнитури и тековните активности рехабилитација на железничките делници да ја подобрат конкурентноста на железничкиот сообраќај.
– Проектот за подобрување на состојбата во железницата опфаќа два сегменти. Едниот е рехабилитација на три делници од Коридорот 10, од кои едната е во финална фаза, кај втората се завршени 80 проценти, а за третата очекуваме старт на градежните работи во септември. На голем дел од тие делници брзината е од 30 до 50 километри на час, а сега ќе се зголеми од 100 до 120 километри на час. Исто така и новите вагони ќе се движат побрзо, така што ќе се подобри брзината. Тоа е една од причините зошто повеќе ќе се користи железничкиот транспорт во Македонија, рече Јанакиески.
Со новите возни средства, посочи, освен драстично подобрување на квалитетот и удобноста на превозот за патниците, се очекува уште поголема заштеда во одржувањето и експлоатацијата на старите возни средства. Со неодамнешното комплетно репаририрање на 10 класични патнички вагони и две дизел моторни гарнитури веќе има заштеда кај потрошувачката на нафта од околу 20 проценти. Лани, во однос на 2011 година, заштедата изнесува 1.000 тони нафта.