Обезбедени стандардизиран пристап во родилиштата, обучен кадар, медикаменти и опрема

Од:

Стандардизиран пристап во сите родилишта, обучен кадар, медикаменти и опрема се воведени со двонеделните обуки за ефективна перинатална грижа и брза проценка на родилиштата кои беа спроведени на Универзитетската клиника за гинекологија и во Клиничката болница во Тетово согласно курикулумите и препораките на СЗО. Обучени се 47 здравствени работници како мултидисциплинарни тимови кои пружаат ефективна грижа за мајките и за бебињата пред, во текот и после породувањето.

Обуките беа спроведени во рамки на проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата, имплементиран од септември до декември 2018 година. Станува збор за заеднички проект на Владата, Министерството за здравство, Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи и Фондот за население на ОН (УНФПА), кој е успешно е завршен.

Ова беше истакнато на презентацијата на резултатите од проектот, на која учествуваше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека неонатолозите во Клиниката за гинекологија, во Клиничката болница во Тетово и во Гинекологија во Чаир преку практична работа со поддршка од реномирана меѓународна експертиза во период од неколку недели добиле клучни препораки за посоодветна грижа за новороденчињата особено за предвремено родените бебиња. Посочи дека адаптирани се 15 протоколи за најчестите состојби кај мајката и новороденчето пред, за време на породувањето и после породувањето и дека во тек е брза обука на здравствените работници во 33 родилишта во земјата.

– Преку проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата се реализираат и активности кои значително ја подигнаа свеста кај чинителите во здравствениот систем дека е нужно да се стандардизира и да се подобри квалитетот на грижата кон мајките и новороденчињата. Овој проект е првиот ваков што се реализира во Република Северна Македонија. Средствата кои ги одвои државата потоа беа двојно зголемени од Фондот за население на ОН (УНФПА) со што вкупниот буџет достигна од 5,7 милиони денари (106.000 американски долари). Паралелно на овој процес неодамна е формирана национална работна група за перинаталната смртност, рече Заев.

Работната група, потенцира, е должна да го ревидира секој смртен случај поединечно, да ги собере неопходните податоци и врз основа на истите да препорача соодветни мерки за да не ни се случуваат смртни случаи од исти или од слични причини. Не случајно овој настан се случува денеска на Меѓународниот ден на жената, посочи премиерот и додаде дека жената е столб на семејството, а со тоа е столб на целото наше општество.

– Овој ден само не потсетува дека грижата за здравјето на жените е грижа за здравјето на нашите поколенија, на здравјето на сите граѓани и дека таа грижа треба да биде континуирана и високо квалитетна. Во оваа насока Владата на Република Северна Македонија го усвои Акцискиот план за сексуално и репродуктивно здравје, како и клиничките упатства за најчестите причини за смртност кај мајките во текот на бременоста и породувањето. Исто така за жените кои се во репродуктивен период државата обезбедува бесплатни ПАП тестови. Здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет и од тоа не остапувам ниту јас ниту оваа Влада, а и Парламентот е на тоа становиште, додаде Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во 2017 година на Клиниката за гинекологија и акушерство починале 36 новороденчиња на 1.000 живородени, додека пак, во 2018 година – 24, што е пад за 30 проценти.

– Отворивме три центри за упатување на жртви од сексуално насилство, првпат обезбедивме бесплатни ортопедски градници за жените кои се оперирани од рак на дојка, почнуваме набавка на осум мамографи за повеќе медицински центри во државата, обезбедивме бесплатни лабораториски прегледи во тек на бременост поврзани со неа, бесплатно породување, фолна киселина за секоја бремена жена, современи контрацептивни средства, воведуваме едно контрацептивно средство за позитивната листа на лекови…, истакна Филипче.

Појасни дека креирале план за зголемување на достапноста на гинеколозите во државата, што е еден од клучните мерки за намалување на мајчината и новороденечката смртност, како и за подигнување на пристапот и квалитетот на здравствената заштита.

– Планот опфаќа минимален пакет за сексуално и репродуктивно здравје, што ќе може да го даваат матичните лекари, специјалисти по семејна медицина. Од секударно ниво специјалистите гинеколози ќе може да даваат здравствени услуги како матични лекари во региони (Македонски Брод, Демир Хисар, Крушево и Пробиштип) каде нема гинеколог. Во здравствените региони каде има гинеколози, но не доволно, ќе се овластат гинеколозите од секундарно ниво да работат како матични гинеколози, со што приоритетно ќе бидат опфатени Тетово, Гостивар, Прилеп, Куманово и Струмица. Ќе се активираат мобилните гинеколошки амбуланти за руралните средини за да се зголеми опфатот на жени за ран скрининг од малигни заболувања, додаде Филипче.

Директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Поповски рече дека 21 породилиште ќе започнат со процесот на акредитација. Посочи дека визијата на сите здравствени чинители е секој граѓанин да го оствари своето право и пристап до квалитетна здравствена заштита, а посебно на примарно ниво.

Претседателот на Комитетот за безбедно мајчинство, Ана Данева Маркова истакна во изминатите десет години постои надолен тренд во однос на бројот на породувања односно живородени. Посочи дека најнизок број на породувања односно на живородени има во 2017 година.

– Во иднина ќе бидат важни мерките кои ги планираат во Министерството за здравство околу регионализацијата на гинеколошките одделенија, родилишта, јакнењето на капацитетите и спроведување обуки, зголемување на компетенциите на акушерките и медицинските сестри и нивна стимулација, зголемување на компетенциите на семејните лекари…додаде Данева Маркова.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

Орце Костов

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска