Обесштетувањето на деветкатницата кај „Мајчин дом“ може да ја чини општина Аеродром 11 милиони евра

Од:

Трошоците за обесштетување на инвеститорот на деветкатницата кај „Мајчин дом“ би можеле да ја чинат Општина Аеродром 11 милиони евра, изјавија попладнево за „Макфакс“ од Општината. Забраната за градење на деветкатницата поради утврдени недостатоци на градилиштето истече денес. Изградбата беше стопирана 14 дена, рок во кој градоначалникот Марин рече дека ќе најдат решение за трајно стопирање на градбата и обесштетување на инвеститорот, но решение и по истекот на рокот нема.

„Трошоците за земјиште и комуналии изнесуваат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, тука се штетите на компанијата за досегашни инвестиции, трошоци за одржување, а како што потенцираше инвеститорот, тој исплаќа и месечна рата што инвеститорот ја плаќа за кредитот подигнат за изградба на овој објект. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума што би ги покрила сите овие трошоци или да ја тужи општината, што целосно би го блокирало нашето работење. Целиот процес би можел да ја чини општината двојно повеќе од првичните 5,5 милиони евра“, изјавија за „Макфакс“ од Општината.

Разговорите за изнаоѓање решение се во тек и покрај истекот на рокот за стопирање на градбата.

„Се разгледуваат сите можни решенија во рамките на законските и правните норми, финансиските можности на Општината и инвеститорот. Вредноста на земјиштето пред ‘Мајчин дом’ е драстично порасната по пренамената во градежна парцела, што се направи во рамките на ДУП И10 донесен од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа, засега е констатирано дека на територијата на Општина Аеродром нема друга парцела со која би можела да се компензира оваа вредност. Дополнително, инвеститорот е изложен на високи тековни трошоци, поради што не може да чека процедури за изработка на нови ДУП-ови“, велат од Аеродром.

Инвеститорот „ЗСФ КОМ“ е недостапен за објаснување дали ќе продолжи со градбата. Од Аеродром велат дека инспекцијата излегла на терен на градилиштето и утврдила дека недостатоците се отстрането, но дека инвеститорот се уште ги нема продолжено градежните активности.

Жителите на Аеродром преку протести недвосмислено му укажаа на градоначалникот дека се против деветкатницата и дека нема да дозволат да продолжи изградбата. Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата. По протестите на граѓаните ја стопираше изградбата на 14 дена и најави дека сепак ќе бара решение за трајна заштита на зеленилото на просторот на кој е предвидена деветкатницата.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Трајановски: Аеродром ќе биде функционална, транспарентна и услужна општина

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Запалени три возила во Аеродром, штетат е голема, полицијата уапси двајца пиромани

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Аеродром ќе добие на нов модерен спортски центар

Германската полиција уапси Хрват поради дрон над аеродромот

Тревога во Германија: Аеродромот во Минхен итно затворен поради дронови

(ВИДЕО) Филипче: Аеродром не заслужува да изгледа како депонија, време е за промена со Александар Трајановски

Горан Наумовски