Нуркачите од Македонија активно во Глобалната подводна акција за Гинис

Од:

Триесетина нуркачи од „Сојузот на подводни активности на Македонија“, спелеонуркачкиот клуб „Врело“, нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид, „Акватек“ од Скопје и „Клубот на подводни активности“ од Охрид“ викендов учествуваа во најголемата глобална акција за чистење на водите во светот, дел од акција за влез во Гинисовата книга на рекорди.

Во втората по ред синхронизирана глобална акција во соработка со GUWAA (Global underwater awareness association) домашните нуркачи заедно со нивните илјадници колеги нуркачи учествуваа во глобалното чистење на уште толку реки, езера и мориња и со тоа се очекува да постават Гинисов рекорд во максимален број на нуркачи – учесници во синхронизирано подводно чистење кое траеше 24 часа во 80 земји од светот.

– Чистењето на водните површини во нашата земја е од големо значење и со оваа акција повторно сакаме да делуваме на будењето на свеста кај сите граѓани за важноста на зачувување на скапоцените природни ресурси на вода за идните генерации, изјави Киро Ангелески, претседател на спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Тој изрази задоволство од масовноста на вклучените нуркачи акцијата, чиј број е двојно поголем во споредба со лани.

– Оваа година учествуваме во акција која треба да стане дел од историјата со влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, па нашата задача и одговорност се двојно поголеми. Сепак ќе мора да почекаме неколку дена за да излезат официјалните резултати на глобално ниво за да можеме да потврдиме дека сме ја испишале историјата во Гинис, додаде Ангелески.

И оваа година од дното на Охридското Езеро во двата дена колку што траеше акцијата, беа извадени стотина килограми отпад од најразличен вид – автомобилски пневматици, лименки од пијалоци, стаклени шишиња и ситен и крупен железен отпад.

– Посебно задоволство ми претставува фактот што ја имав можноста да го водам тимот кој учествуваше во оваа манифестација составен од мои искусни колеги, долгогодишни нуркачи со кои постигнавме двоен успех. Сакаме оваа акција да прерасне во традиција и да стане препознатлива во светски рамки, како и да влезе во Гинисовата книга на рекорди, изјави Периклија Бешка, претседател на „Сојузот на подводни активности на Македонија“. Тој потсети дека првата ваква акција за чистење на дното на Охридското Езеро беше спроведена во 1996 година, а оттогаш па наваму активностите се надополнуваат и надградуваат со воведување на конкретни чекори и средства за едукација на граѓаните во заштита на човековата околина со посебен акцент на заштита на водите во Македонија.

Втората по ред синхронизирана глобална акција за чистење на водите во светот беше иницирана во Монако, за да прерасне во синхронизирано чистење на крајбрежјата во 80 земји од целиот свет.

Би можело да ве интересира

Претреси во Охрид поради лихварство и изнуда, уапсено е само едно лице

Тешко повредена малолетничка во сообраќајка во Охрид

Орбан пристигнува во дводневна официјална посета на земјава-посебен сообраќаен режим во Охрид

Горан Наумовски

Безбедносни мерки и посебен сообраќаен режим во Охрид поради посетата на Орбан

Пожар во угостителски објект во центарот на Охрид

Катерина Ѓуровски

Две момчиња се тешко повредени во сообраќајка во Охрид