Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу денеска стапи на функцијата министер за внатрешни работи.
Нухиу доаѓа на местото на Оливер Спасовски, а ќе раководи со МВР до формирањето на новата влада. Ова решение произлезе од Договорот во Пржино што го постигнаа лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата.
– Свесен за периодот кога ќе раководам со Министерството за внатрешни работи, ќе направам максимални напори со ова решение да бидат задоволни сите граѓани на Република Македонија без оглед на нивната национална, верска, партиска и социјална припадност. Ќе се залагам за негување на професионализмот, почитување на уставните вредности и суштинските стандарди во рамки на нашите надлежности, како во областа на државната безбедност, така и во јавната безбедност, изјави Нухиу по преземањето на должноста.
Ќе се почитуваат, додаде, сите подкултури на хетерогените структури во МВР, но тие неопходно треба да бидат комплементарни со институционалната хиерархија внатре во МВР.
– Сметам дека полицијата има потреба од почит и поддршка од сите заедници кои живеат во земјата со цел извршување на нејзините задачи согласно меѓународно признатите универзални вредности. Нашето општество има потреба од силна поддршка, како од аспект на концептот за безбедност во земјата, така и од аспект на човечко достоинство. Не може да се казнуваат престапниците на законот со нивно деградирање, туку со соодветни институционални мерки, како што не може да се одбрани безбедноста на земјата со кршење на човековите права, туку со законски оперативни дејства. Функционирањето на правната држава и владењето на правото претставува голем предизвик, нагласи Нухиу.
Според него, вработените во МВР и сите други треба да се свесни дека имаме државна обврска да ги поддржиме вредностите во секој сегмент на МВР во духот на Охридскиот рамковен договор и силно да придонесеме за интегрирање на РМ во евроатлантските структури како единствена алтернатива и перспектива на нашата држава.
– Им гарантирам на сите граѓани на Македонија дека секој ќе се соочи со законот доколку му се спротивставува. Никој не е над законот. Полициските дејства и акции без целосна транспарентност, без колегијалност и вон принципите на објективност и легалитет ќе се казнуваат на најсуров начин. Република Македонија е држава на сите нејзини граѓани, без исклучок. Министерството е сервис на нејзините граѓани и како такво ќе продолжи да функционира во таа насока, кажа Нухиу.