Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се одржи рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој се обвинети Јасна Мандиќ, Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.
Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова-Ефремова.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ почна на 1 јули, но беше одложено поради барањето на поранешната потпретседателка на Собранието и пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Рускоска за понатамошно постапување во овој случај.
Кон барањето за иземање на обвинителката Рускоска, се приклучи и обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.
Советот за оценка на 12 мај годинава во целост го прифати обвинителениот акт против правното лице Меѓународен сојуз и пет други физички лица за кривичните дела „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра.
Основачот на невладината „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски-Боки 13, е обвинет на девет години затвор со неправосилна пресуда за случајот „Рекет“, каде што е обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, заедно со поранешната СЈО Катица Јанева, која доби затворска казна од седум години за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.