По препорака на општинскиот кризен штаб, во Битола продолжи масовното дезинфицирање на цела територија на Општина Битола. За разлика од минатата сабота, во оваа акција биле опфатени и влезовите во зградите, каде се дезинфицирало со рачни пумпи.
„Во акцијата се опфатени сите коловози, јавни и прометни површини, но овој пат и влезовите, со влегување внатре, во самите влезови во зградите. Акцијата ја координира ЈП „Комуналец“, заедно со останатите локални јавни претпријатија, а имаме и приватни компании кои се приклучија во акцијата. Тоа се лица кои умеат да управуваат со трактори и прскалки, од руралните места, кои по завршување на акцијата во Битола, ќе заминат во своите места со полни цистерни дезинфекциони средства и ќе ги дезинфицираат патиштата низ селата“, рече градоначалничката Наташа Петровска на стартот од акцијата.
Во акцијата се вклучиле 4 цистерни, 23 трактори со помошна механизација, метларка и други возила/ Дополнително, 65 поединци со рачни пумпи дезинфицираа во влезовите. Во целосната акција учестувале над 100 лица.
Координатор на денешната акција повторно беше ЈП „Комуналец“.
„Комуналец“ заедно со останатите јавни претпријатија „Водовод“, „Нискоградба“, „Пазари“, но и со поддршка и помош на РЕК „Битола“, „Стрежево“ и други компании, постојано е на терен во периодот на полициски час. Кога граѓаните остануваат дома, ние вршиме постојано дезинфекција на сите јавни и прометни површини. Но, денес ја правиме втората масовна дезинфекција на Битола и околните места, секако во соработка со граѓаните, посебно и приватни компании, приватни фирми, индивидуалните земјоделци од руралните средини, кои и тоа како, ни излегуваат во пресрет со својата механизација. Покрај возилата има и 65 поединци кои со рачни пумпи ќе ги дезинфизираат станбените згради“, рече директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.