Од Министерството за здравство информираат дека новите мерки за невакцинираните работници за кои требаше да се разговара денеска на владина седница, се одложуваат за наредната.
Министерот за здравство Венко Филипче, по состанокот со претставниците на синдикатите, вчера изјави дека редовните ПЦР тестови на невакцинираните работници ќе бидат на трошок на работодавците.
„Разговаравме за некои нивни укажувања и предлози. Прво да кажам дека оваа мерка, препорака за вакцинирање на работното место важи за јавните и за приватните институции. Една од иницијативите за ваквата мерка дојде од стопанските комори. Тоа што го побараа претставниците на Синдикатот, а на утрешната седница на Владата ќе дискутираме, прво да мерката од моментот на донесување важи после не 10, туку 15 денови со цел да се остават уште денови за едукација на членството во синдикатите. Понатаму да бидат дадени два слободни платени денови на денот на вакцинација, секако после претходна најава и следниот ден. И последното барање, оние кои не сакаат да се вакцинираат, и ПЦР тестот како алтернатива што треба да се прави секоја недела, наместо на сопствен трошок да биде на терет на работодавачите. За сите овие нивни предлози ќе дискутираме на утрешната седница на Владата“, рече вчера Филипче.
Меѓутоа денеска од Организацијата на работодавачи на Македонија реагираа дека се категорично против предлогот работодавачите да плаќаат тестирање на работниците кои не смеат или не сакаат да се вакцинираат. Од Организацијата велат дека воопшто не биле консултирани пред синоќешната средба на министерот за здравство Венко Филипче и Синдикатите на која требаше да се најде начин вработените да се поттикнат на вакцинација, но заврши со предлог невакцинираните да се тестираат еднаш неделно, а за тоа да не плаќаат сами туку да им плаќа работодавачот.