Новиот директор на ЦЈЗ – Скопје зачуден: Не го разбирам тоа правење свадби и мекици среде епидемија

Од:

Епидемиологот Александар Стојанов го презеде директорското место во Центарот за јавно здравје – Скопје од разрешениот Арбен Зибери. Стојанов во изјава за „А1он“ вели дека моментално најголем проблем со кој се соочуваат неговите колеги е правењето епидемиолошки анкети, кои се секојдневно по стотици. Според него, ниту еден здравствен систем не е димензиониран за ваква епидемија, но на есен, кога се очекува нов бран, очекува поефикасно справување со коронавирусот.

„Проблемот во моментов ни е како да ги завршаме започнатите анкети. За тоа бараме помош и добиваме. Побаравме помош и добивме. Исто, ги ангажиравме и одделите за микробиологија, хигиена, епидемиологија. Проблемот е што во Скопје има и по 100 анкети дневно. Вработените кои ги правеа остануваат и до доцна навечер. Кога имавме по 10/20 заболени, епидемиолозите немаа проблем да земаат анкети, тогаш Скопје беше подобар град во справувањето со вирусот. Луѓето не ги кријат контактите како на почетокот, почнуваат пополека да сфаќаат. Треба да имаме предвид дека паметен човек побрзо ќе сфати од туѓа грешка, но ние сфаќаме од наша грешка“, вели Стојанов.

Тој смета дека во вакви стресни ситуации системите на државите ги покажуваат слабостите, а решението не го гледа со вработување нови кадри. Според него, отворањето на аеродромите и границите без државни карантини ќе им донесе повеќе работа.

„Нам ни се разболуваат луѓе кои веќе го прележале вирусот, иако се мислеше дека имаат имунитет, но очигледно дека дел од нив не развиваат. Ние ќе бидеме поспремни на есен, здравствениот систем ќе има нови легла во болниците, бидејќи Министерството за здравство има искуство зад себе. Никој не може да каже дали ќе има повеќе заболени. Во вакви стресни ситуации секој систем ги покажува слабостите, не само здравствениот. Цело време се одлеваат кадри, сега сакаме да вработуваме. Идејата е во ред, но што со нив кoга ќе помине сето ова? Новото олабавување на мерките ќе ни донесе повеќе работа, но ако се почитуваат мерките, нема да има проблем“, прашува директорот Стојанов.

Новиот директор на Центарот за јавно здравје – Скопје тврди дека асимптоматските случаи се најлошите и најстрашни за системот. Но, засега нема можност за  нивно целосно дијагностицирање.

„И јас би сакал да се тестираат сите, бидејќи асимптоматските се најлоши. Знаете, кога човек е болен не одите кај него, не се гледате со него. Вака, одите бидејќи не знаете дека е заразен. Има ли систем кој може да го издржи овој наплив на потреба од тестирања? Американскиот, кинескиот? И јас сум скопјанец, дружељубив, но четири месеци човек не влезе кај мене, ниту, пак, јас отидов кај некого. Не го разбирам тоа правење свадби, мекици, па да дојде инспекција да ме казни и јас да ја продолжам свадбата“, додаде тој.

Епидемиологот Стојанов смета дека е банално по четири месеци и натаму да има потреба да се повторува дека сите треба да носат маски, да држат дистана, да не се групираат. Тој е дециден дека мерките не се лоши, туку нивното непочитување.

„И Швајцарија немаше мерки, но се почитуваа препораките“, заклучува Стојанов.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска