Додека не се донесе нов закон за основното образование, основците ќе учат по старите наставни програми, иако работната група што го подготвува законот соопштувајќи ги во јануари ревидираните наставни планови за прво одделение имаше очекување дека тие ќе бидат применети во барем неколку пилот-училишта од овој септември.
По првата верзија, работната група во МОН сега подготвува и втора верзија на новиот закон која повторно ќе биде ставена за сугестии и забелешки на електронскиот регистар на прописи ЕНЕР.
Арбер Адеми денеска на прес-конференција по повод еден месец од преземањето на функцијата министер за образование и наука рече дека интензивно се работи на реформите и донесување на законот, но дека тој е комплексен и треба да се состави внимателно и во интерес и на учениците, и на наставниците. За да се најде најдобро решение, рече, вклучуваат екперти од релевантни институции и од меѓународни организации.
– Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза, затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдобро решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца. Во однос на пилотирањето на плановите, тогаш кога ќе сметаме дека една реформа функционира и ќе биде продуктивна, неа и ќе ја примениме, рече Адеми.
На почетокот на годинава работната група заедно со тогашната министерка Рената Дескоска презентираше ревидирани наставни планови и програми за прво одделение, кои предвидуваа помалку (шест) предмети, најмногу четири часови дневно и одмори со слободни активности и игри, за да се овозможи блага транзиција на првачињата од семејствата или градинките кон училиштата. Со усвојувањето и примената на новите наставни планови беше предвидено да престане и важењето на наставната Кембриџ-програма.
Адеми денеска рече дека новини може да се воведат само по усвојување на законот и дека во неговото донесување треба да се имаат предвид сите засегнати страни, така што, ако се намали бројот на предмети и часови, од друга страна треба да се имаат предвид и наставниците кои со тоа ќе имаат помалку работа.
– Тоа е процес што оди паралелно. Не треба да дозволиме да имаме технолошки вишок… Има многу прашања за кои треба повнимателно да размислуваме. Тука е, исто така, и прашањето за образованието на децата со посебни образовни потреби – дали ќе имаме ресурсни центри, посебни училишта итн. Значи, освен што треба да се споредуваме со други земји, треба да усвоиме решение според спецификите на нашата држава, истакна Адеми.
Соопшти дека МОН почнува со подготвителни активности и за нов закон за средното образование. Повеќе ќе се промовира средното стручно образование, а во план е до учебната 2019/2020 да се заокружи процесот на целосно реформирање на четиригодишното средно стручно образование.
Според германски модел ќе се воведе дуално стручно образование и од септември овој концепт ќе се примени во две средни пилот-училишта во Охрид и Кавадарци, за што веќе се усвоени наставните планови за прва година.
– Дуалното стручно образование подразбира поголема соработка меѓу училиштата и бизнис-секторот, односно повеќе пракса на учениците, и тоа директно, на работното место, под менторрство на вработените во компаниите. Целта е да се стекнат потребните компетенции и вештини кои ќе им овозможат вработување на младите непосредно по завршување на нивното образование, рече Адеми довајаќи дека се работи за важна реформа од која се големи и очекувањата зашто таа директно влијае на кратењето на времето за премин од образование кон работа.
Во однос на учебниците, Адеми рече дека се формирани комисии за измени до, како што рече, 30 проценти од содржината на повеќе учебници од основното и средното образование.
– Во изминатиот период отворивме можност за коригирање на сите неточни податоци или за дополнување на некои факти во учебниците. Објавивме и јавен повик до сите граѓани да ни достават конкретни предлози за некоја неправилност или недореченост или за корекција и формиравме комисии. Работата е во тек, но не сме доволно задоволни од тоа што го добивме од наставниците и граѓаните на јавниот повик. Ние сме интензивно во контакт со челновите на комсиите, со издавачите и авторите, за да го подобриме квалитет на соджината на учебниците, рече министерот.
Информираше дека се донесени решенија за учебници за италијански јазик, кој од септември (покрај францускиот и германскиот) ќе биде втор странски јазик за сите одделенија во основно и за сите години во средно. Босанскиот јазик, пак, од претстојната 2018/2019 година се воведува во редовната настава во основното деветгодишно образивание, за што е одобрен и наставниот план.
На прес-конференцијата Адеми апелираше и до високообразовните институции своите статути и акти да ги усогласат со донесениот нов Закон за високо образование.