Што побрза, максимално инклузивна и транспарентна процедура за измени на Законот за аудио и аудиовизуелна дејност, бараат од Владата Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Петте медиумски и новинарски организации потенцират дека остануваат зад предложените решенија од нивната иницијатива за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со Предлог закон, којашто беше поддржана од пратениците на СДСМ.
Во барањето што го доставиле до Владата за спроведување системски медиумски реформи се нагласени приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции. Од Владата, исто така се бара да започне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните така и за останатите проблеми чие решавање може да доведе до подобрување на слободата на изразување и на состојбата во медиумскиот сектор.
Според соопштението од петте организации, реформите во медиумскиот сектор треба да се спроведат како добро испланиран, инклузивен и транспарентен процес, што ќе се одвива во две паралелни фази. Првата фаза треба да се состои од утврдување на приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции, а втората од детектирање на сите среднорочни и долгорочни прашања што треба да се решат во медиумскиот сектор, а за кои се неопходни сеопфатни анализи. И двете фази треба да се одвиваат во отворена и континуирана соработка на надлежните државни институции со граѓанските организации од медиумскиот сектор. Спроведувањето на реформите подразбира измени во законската легислатива од различни области, но исто така и серија практични мерки и активности на надлежните државни институции со кои ќе се овозможи примена на легислативата и решавање на ургентните проблеми што го попречуваат слободното вршење на новинарската професија или го оневозможуваат правото на јавноста да добива објективни, непристрасни и вистини информации за сите прашања од политичкиот и општествениот живот.
– Сите предлози за итни измени на законите треба да се направат во транспарентен процес на консултација со граѓанските организации, пред да се достават на усвојување на седница на Влада, се потенцира во соопштението.
Во приоритетни прашања што треба итно да се решат во првата фаза се зголемување на безбедноста и сигурноста на новинарите и искоренување на практиката на неказнивост на нападите врз новинари. Очекуваат Владата на првата наредна седница да расправа за ова прашање и да донесе заклучок со кој ќе го задолжи министерот за внатрешни работи да изготви извештај за состојбата со преземените мерки за откривање и гонење на насилниците, а бараат и да се испита можноста во Кривичниот законок да се воведе посебна санкција за напад врз новинари и новинарски екипи на работа.
Во приоритетните прашања се наведени и почитување на работните и професионалните права на новинарите и другите медиумски работници, транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство, независност, надлежности и финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, институционална автономија, уредувачката независност и финансирање на МРТ.
Се бара и спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини, раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми, укинување на одредбите од Законот за ААВМУ во поглед на продукцијата на домашна документарна и играна програма на националните телевизии.