Нови случаи на заболени од коронавирусот, се затвораат аеродромот во Скопје и граничните премини

Од:

Кај уште пет лица (четири од Дебар и една 54-годишна скопјанка) е потврдено присуство на коронавирусот, а уште две лица се дијагностицирани во лабораторија на Клиниката „Жан Митрев“ и тие дополнително треба да се потврдат денеска во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

Со овие пет лица вкупниот број заболени од коронавирус во моментов во државава изнесува 23, од кои 22 се од Дебар, а една пациентка е од Скопје. Од 23 заболени, 14 се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а четворица се лекуваат во Дебар. Над двесте луѓе се во домашна изолација. На 26 февруари во Скопје беше дијагностициран првиот случај со коронавирус во државава, 50-годишна жена од Скопје, која вчера во добра клиничка состојба беше пуштена на домашно лекување.

Министерството за здравство вчера донесе наредба за спроведување задолжителна самоизолација за секој државјанин на Северна Македонија кој влегува на гранични премини, а патува од високо и средно ризични земји утврдени со Листата на Светската здравствена организација.

– Непочитувањето на оваа наредба и неспроведување на задолжителната самоизолација повлекува одговорност, се вели во објавата на Министерството.

На листата која Министерството за здравство заклучно со завчера ја објави на својата веб-страница земји со високо ниво на ризик се Кина, Италија, Иран, Јужна Кореа, Шпанија, Франција, Германија, САД, Швајцарија и Велика Британија. Средно ризични земји се Холандија, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Јапонија, Белгија, Катар, Австралија, Канада, Малезија, Грција, Чешка, Сингапур, Бахреин, Финска, Израел, Словенија, Исланд, Ирска, Романија, Бразил, Индонезија, Кувајт, Португалија, Полска, Филипини, Индија, Саудиска Арабија,Египет, Ирак, Либан, Сан Марино, Обединети Арапски Емирати, Естонија, Тајланд, Чиле и Виетнам. Северна Македонија е меѓу земјите кои се со ниско ниво на ризик.

Мерките за заштита од коронавирусот кои се донесени мора да се почитуваат, во спротивно следуваат казни согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот закон.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров синоќа апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство.

Владата, пак, одлучи да се затворат сите гранични премини во Република Северна Македонија, за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците на димпломатскиот кор во државава, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје, граничниот премин, освен за државни, воено, карго и медицински хуманитарни и празни летови по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука.

Министерот за здравство Венко Филипче донесе наредба за мерки на мобилизација, организација и распоред на работата и работното време на здравствените установи.

Претседателот Стево Пендаровски по синоќешната седница на Советот за безбедност рече дека нема потреба од вонредна или кризна состојба во моментов и дека Владата може да донесе дополнителни мерки.

Посочи дека имаме доволно енергенси во овој момент за најмалку четири месеци за нормално функционирање на државата. – Оценката што ја изнесов е врз основа на писмена документација и документ кој го имам од Бирото за стокови резерви. Тие стоеја зад тоа дека ние имаме во овој момент сосема доволно залихи во тој дел, рече Пендаровски.

Клиниката за психијатрија од денеска во периодот од 9 до 16 часот воведува телефонска психолошка поддршка за граѓаните и ранливите групи на пациенти на кои им е потребна таква помош. Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст ќе биде достапна на телефонскиот број 072 912 676, на возрасни лица во самоизолација на телефонот 072919009, а на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа, во соработка со Општа Болница Дебар на бројот 070 241 807.

Од Клиниката за психијатрија истакнуваат дека пациентите закажани во „МојТермин“ за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видео врска на некоја од интернет мрежите (по договор). Психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради коронавирусот ќе се обезбеди во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На граѓаните им преостанува да ги почитуваат препораките и мерките за превенција од коронавирусот, според кои, треба да седат дома и да не излегуваат надвор без некоја посебна потреба, да одржуваат лична хигиена и често и темелно да ги мијат рацете, да користат средства за дезинфекција, да избегнуваат собирања во групи и да не прават големи залихи со намирници.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски