Околу 35 000 граѓани се вакцинирани до вчера во земјава. Од нив, околу 13 000 ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 000 на располагање, нешто помалку од 3000 има од руската „Спутник“ и 1000 од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови, бидејќи често доаѓаат со придружба.
На 19 и 26 април, како што беше завчера соопштено, се очекува во државава да стигнат по 10 000 вакцини „Фајзер“. – Дози од вакцините се распределуваат низ пунтовите низ државата, а системот ќе се дополни и со вакцините на „Фајзер“, кои во понеделник со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје најавуваат здравствените власти.
Околу 28 април ќе дојдат и 200 000 кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.
Неподвижните лица, ќе бидат вакцинирани теренски, во нивните домови, согласно со пријавувањата и приоритетите.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од направени 3616 тестирања, регистрирани 908 нови случаи со Ковид-19, оздравени се 732 пациенти, а починати се 31 лице.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 145 909, бројот на оздравени пациенти е 121 439, на починати е 4388. Вкупниот број активни случаи изнесува 20 082 од кои 9056 се во Скопје.
На инфективните оддели во државава се лекуваат вкупно 1708 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 704 во Скопје. Има околу 338 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.