Денеска на Скопскиот аеродром пристигна новата група од 5 американски средношколци кои ќе престојуваат во Македонија 10 месеци во рамки на Програмата за младинска размена и образование (Youth Exchange and Study Program – YES) финансирана од Владата на САД и администрирана од Бирото за образование и културни работи (Bureau of Educational and Cultural Affairs – ECA) на американскиот Стејт Департмент.
Петте ученици, американски државјани, на возраст од 16-18 години, ќе живеат во македонски семејства домаќини и ќе учат во македонски средни училишта (СУГС Јосип Броз Тито и НОВА меѓународни училишта) запознавајќи ја македонската култура во текот на една учебна година.
Во согласност со мисијата на Бирото за образование и културни работи на Стејт Департментот ”да се зголеми меѓусебното разбирање помеѓу луѓето од САД и луѓето од другите земји преку образовна и културна размена кои придонесуваат за развојот на мирољубиви релации” во Македонија оваа програма започна во 2008 година. Првата група македонски средношколци стипендирани преку оваа програма отиде во САД во учебната 2009-2010 година. Од тогаш до денес вкупно 103 ученици од сите краеви на Македонија се дел од оваа успешна меѓукултурна размена.
На 16 август, 2016 година ја испративме најновата група од 12 средношколци од Македонија кои ќе живеат во американски семејства домаќини и ќе учат во средни училишта ширум САД.
Возбудата на учениците, родителите, семејствата домаќини и сите вклучени во оваа прекрасна меѓукултурна размена е огромна и со нетрпение очекуваме кога ќе ги споделат своите први искуства.
Во септември 2016 година отпочнува новиот циклус на селекција на ученици од Македонија за учебната 2017-2018 година. Заинтереираните ученици ќе можат да се пријават на 14 септември во Штип, на 15 септември во Струга, на 16 септември во Куманово и на 17 септември во Скопје.
Подетални информации ќе можат да се најдат тука.