Нов проект на општина Центар – „Центар се грижи за возрасните“

Од:

Општина Центар започнува со тримесечен пилот проект, „Центар се грижи за возрасните“. Со ова, општината ќе им ја обезбеди потребната нега на возрасните граѓани кои живеат на територија на општината.

Проектот нуди пакети за медицинска грижа за лица на над 64-годишна возраст.

„Во рамките на овој тримесечен пилот проект, ќе бидат доделени 120 субвенции за 120 граѓани, кои секој месец ќе добиваат субвенција во вредност од 4.500 денари“, рече на прес конференција, градоначалникот Андреј Жерновски.

Оние граѓани кои ќе добијат вакви субвенции, првично ги посетува социјален работник, кој ги нотира нивните потреби од медицинска нега. Потоа, земјаќи ги предвид индивидуалните потреби на секој граѓанин, се одредуваат бесплатните услуги и помош која треба да му се пружи на секој корисник одделно.

Лиценцирани негователи ќе ги посетуваат лицата 3 пати неделно за да се добие потребната нега. Формуларите за аплицирање ќе се добиваат во архивата на општина Центар, а истите можат да ги подигаат и блиски роднини.

Пријавите ќе ги разгледува стручна комисија, која при изборот ќе води сметка за социјалниот статус, финансиската и здравствената состојба на лицето кое аплицира за помош.

promo-flaer

Периодот за апликации почнува денеска (27.12.2016) и ќе трае до 27-ми јануари, 2017-та година.

„Јас сум оптимист дека овој пилот проект ќе биде успешен. Во првиот период од буџетот на општината се одделуваат за оваа намена 1.600.000 денари, а во наредниот период, уште 1.600.000 денари. Јас и советниците ги повикуваме сите граѓани на Центар, кои сметаат дека имаат потреба од ваква помош, да поднесат пријава. Апликацијата и неопходната документација треба да се достави во архивата на општина Центар“, рече Жерновски.

Доколку лицата не се во состојба лично да ги достават апликацијата и неопходните документи, може да се јават на телефонскиот 076-313-383 за да добијат понатамошни инструкции. На овој телефонски број можат да се добијат и сите дополнителни информации за проектот.

„Искрено се надевам дека овој проект ќе разбуди континуиран интерес кај граѓаните и доколку успешно се реализира, ќе ми биде огромно задоволство да прерасне во редовна активност на општината. Проектот „Центар се грижи за возрасните“ ќе биде одличен механизам за нудење помош на оние на кои им е најпотребна“, рече на прес конференцијата, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории